Вистинската политика подразбира мудри одлуки и штитење на интересот на државата и граѓаните

Силата на ВМРО-ДПМНЕ е во народот. Ова е време кога народот одлучува на избори и најважна е неговата оценка за тоа каква држава сака, истакна претседателот на владејачката партија на отворањето на политичката академија на партијата организирана во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија и Институтот „Павел Шатев“.

– Вистинската политика подразбира носење на мудри одлуки со кои треба да се направи совршен баланс штитејќи ги државните интереси, а ВМРО-ДПМНЕ секогаш успева да го постигне тој баланс, при што најважни за нас се граѓаните и интересот на државата. Рационалното и разумно однесување, но и штитењето на националните и државните интереси е кодот на нашето однесување. Притоа важни ни се и демократските вредности, а нема поголема демократија од тоа кога народот одлучува и се слуша неговиот глас. Тоа е фундаментот на демократијата, народот е тој кој одлучува, а за нас како ВМРО најважно е мислењето на граѓаните, неговата волја и неговиот став, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, како што нагласи Груевски, е важно обезбедувањето на избори.

– Изборите се гласот на народот кој независно од тоа дали на некој му се допаѓал или не се најдобриот, но и најгромогласниот одговор на сите случувања во нашата држава, а гледам сметаат дека со тоа што се против избори вадејќи разно разни изговори, правдања и спроведувајќи блефови дури и изнасилени правдања ќе го одолжат соочувањето со народот. Јас би им порачал – грешите. Вие таа порака ќе ја добиете и таа порака ќе биде повеќе од јасна. Оваа држава припаѓа на граѓаните. Одамна помина времето кога народот беше во втор план. Силата на ВМРО-ДПМНЕ е во народот, во неговата поддршка која ја добиваме и тоа е сила која Македонија ја носи напред, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски.

Тој посочи дека некои ја имаат деструкцијата за примарна дејност, а ВМРО-ДПМНЕ ја има својата програма која е математички пресметана со прецизни рокови и динамика на спроведување.

– Нашите цели подразбираат големи чекори и многу напорна работа. Тоа всушност го бара нашата држава која влече рецидиви од минатото, но и голем број актуелни проблеми од непромислените политики на нашите опоненти, рече Груевски и порача дека претстои период на многу напорна работа во кој треба државата да излезе од политичката криза, во која, како што рече, ја втурна СДСМ.