Виталиј Чуркин: САД да не ја користат Украина за јакнење на мускулите

САД не смеат да ја искористуваат ситуацијата во Украина за засилување на своето воено присуство во светот, изјави синоќа амбасадорот на Русија во Обединетите нации, Виталиј Чуркин.

„ Доколку политиката се  состои само во тоа да се искористи ситуацијата во Украина за да се стекне предност и да се зајакнат мускулите, тоа само ќе и’ наштети на општата меѓународна соработка“, рече Чуркин.

Според Чуркин, за Москва е многу важно Советот за безбедност на ОН што поскоро да ја усвои руската нацрт-резолуција за Украина, бидејќи таа ќе одигра значајна улога во прекинот на насилството во оваа земја.

„Продолжувањето на она што сега се случува во југоисточните региони на Украина ќе доведе до влошување на целокупната ситуација. Тоа се густо населени области на Украина, ситуацијата веќе стана трагична, а гледаме дека таа ескалира. Киев продолжува да употребува сила, што е сосема погрешен пристап, нагласи Чуркин.

Тој нагласи дека првичните разговори со неговите колеги во Советот за безбедност „не биле ветувачки“.

Руската нацрт-резолуција со која се бара моментен прекин на огнот во Украина и хуманитарен коридор, наиде на критики од Западот и студен прием во Советот за безбедност на ОН.

Русија истапи со овој документ на почетокот на едномесечното претседавање со Советот за безбедност.

Тврдењата на Москва дека сака да го запре насилството во Украина, наидоа на жестоко отфрлање од Вашингтон.
Стејт департментот тоа го нарече „лицемерие“ со оглед на фактот дека Русија, според американски тврдења, не направи ништо за да ги спречи сепаратистите во Украина постојано да напаѓаат нови цели и притоа да држат набљудувачи на ОБСЕ како заложници.