„Витаминка“ успешно ги презентираше своите производи во Келн и во Дубаи

Македонска компанија „Витаминка“ по третпат успешно се промовираше на најголемиот саем за храна и угостителство Гулфуд, што секоја година се одржува во Дубаи. Во светскиот трговски центар, како дел од 20-то јубилејно издание на Гулфуд, „Витаминка“ се претстави со целосниот свој асортиман и отвори можности за проширување на деловноста на глобално ниво.

Компанијата својата промоција годинава ја започна на ISM 2015, најголемиот саем за слатки и бисквити кој се одржа во Келн, Германија.  Овој саем е дел од најголемата бизнис и комуникациска платформа во кондиторската индустрија.

– Настапи на саеми од типот на ISM 2015 и Гулфуд се од големо значење за изложувачите бидејќи на овој начин се обезбедува пат до светските пазари. За нас, овој пат само се потврди фактот дека преку континуирани вложувања во асортиманот и квалитетот на производите, креирајќи конкурентна понуда за задоволување на сé пософистицираните барања од страна на потрошувачите, ни се олеснува патот до глобалниот пазар. Без двоумење, манифестации како ISM или Гулфус, на „Витаминка“ ѝ даваат можност за неверојатен поврат на инвестициите преку низа потенцијални соработки на глобално ниво, изјави Сашо Наумоски, Генерален извршен директор на „Витаминка“.

На саемот во Келн, „Витаминка“ се претстави со целиот асортиман на грицки и слатки производи. Оваа година на ISM беа преставени и најголемите технолошки иновации и сите трендови во оваа индустрија, фокусирајќи се главно на потребите на потрошувачите и стимулирање на компаниите за проширување на својот спектар на слатки и бисквити. На саемот во Келн учествуваа повеќе од 1500 производители од 65 земји од светот, а го посетија повеќе од 37 000 посетители од 140 земји од светот.

Квалитетот и атрактивниот дизајн на широката палета производи го привлекоа вниманието на преку 250 посетители на штандот на Витаминка на Гулфуд саемот, кои пројавија интерес за потенцијална соработка. Најголем интерес предизвика богатата програма на кексите, особено Карамел бисквит и интегралниот кекс Деспина, снек производите предводен од автентичниот Стоби Флипс и асортиманот на Бонитас, следени од оригиналниот Чоко Стоби Флипс и чоколадираните производи, чоколадните морски школки Атлантис и квалитетот на Цевитана. Иновативниот производ Чоко ориз, пак, особено ги воодушеви посетителите од Блискиот Исток, Африка и Европа.

Гулфуд е најголемиот светски саем за храна и угостителство, каде оваа година се претставија околу 4000 компании – изложувачи од преку 120 земји. Саемската манифестација е посетена од претставници на најразлични бизнис формати од производно-услужниот сектор за прехрана, меѓу кои, синџири на супермаркети, директни увозници, дистрибутери, агенти, производители на репроматеријали, компании од секторот на пакување производи, како и производители на најразлични современи машини.

Следниот саем каде што ќе се претстави „Витаминка“ оваа година, е саемот SIAL во Шангај, Кина, што се одржува во месец мај.