Вкупно 4.670 граѓани се спасија од долговите

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески денеска на прес-конференција истакна дека вкупно 4.670 лица досега добиле позитивни решенија во рамки на проектот за отпис на долгови.

Ставрески нагласи дека сите поднесени барања се разгледани, со исклучок на 2.700, кои биле дефинирани како некомплетни.

Тој потенцира дека вкупната вредност на отпишани долгови изнесува 427 милиони денари, односно 7 милиони евра и додаде дека прогресот на проектот е постојан.

– Најголем дел од вкупната вредност на отпишаните долгови е за електрична енергија – 407 милиони денари, потоа долгови кон банките – 11,7 милиони денари, долгови за радиодифузија – 5,1 милиони денари и долгови за топлинска енергија – 2 ,4милиони денари, истакна Ставрески.

Тој потенцира дека барања за отпис на долгови поднеле граѓани од сите градови на земјава и додаде дека над 90 отсто од барателите се граѓани од категоријата приматели на социјална помош.

Министерот Ставрески укажа дека Комисијата ги разгледува сите останати барања и дека истите се соодветно доставени до доверителите. Тој додаде дека дел се одговрени, додека пак за дел се чека одговор.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов истакна дека вкупно 41.765 граѓани аплицирале за отпис на долг и нагласи дека ова е крупен и сериозен проект на кој работат три комисии за отпис на долгови и техничка служба во рамки на Министерството за труд, составена од триесет лица.

-Вкупно 41.765 лица имаат поднесено барање за отпис на долг. Најголемиот дел барања се поднесени во Скопје – каде има 895 позитивно решени барања со отпишан долг во вредност од 155 милиони денари, потенцира Спасов.

Тој додаде дека проектот се одвива има неколку фази – архивирање и проверка предмет по предмет (41.760 предмети), системска проверка за статусот и состојбата на граѓаните во државните институции (39.059 предмети), потоа испраќање и проверка на документите кај доверителите со цел дефинирање на сумата на долгот (11.397 предмети), повторно проверување од страна на Комисијата и донсувае одлука за еднократен оптис на долг(4.670 одлуки во вкупен износ од 427 милиони денари).

Спасов потенцира дека досега се  обработени вкупно 35.214 барања, односно 84, 31 отсто од вкупниот број поднесени барања.

Со проектот за отпис на долгови се опфатени три категории на граѓани, односно примателите на социјална помош, невработени лица кои активно бараат работа, како и лица  кои поради загуба или болест на партнерот станале немоќни да ги исплатат долговите.

Учесници во проектот се ЕВН, Топлификација, банките и Радиодифузија.