Вкупно 5.500 пензионери на бањско климатска рекреација во 2015

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски, и градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов денес ги посетија пензионерите кои ја користат услугата бањско-климатска рекреација во здравствена установа- природно лекувалиште “Негорски бањи“ АД Негорци Гевгелија.

Спасов посочи дека е задоволство кога ќе се видат на едно место толку среќни и насмеани луѓе, притоа нагласи дека токму тоа дава поттик да се продолжи со реализација на проектите коишто се насочени кон подобар живот на граѓаните на Република Македонија.

-Еден од тие проекти е токму овој проект за бесплатна бањско-климатска рекреација за корисниците на пензија во Република Македонија. Овој проект продолжуваме да го реализираме во 2015 година, планирано е оваа бесплатна услуга да ја искористат 5.500 пензионери. Проектот опфаќа бесплатен превоз и шест полни пансиони со бањска рекреација и здравствени прегледи од медицински лица. Вкупно средства кои се обезбедени за реализација на овој проект се во износ од 33 милиони денари од Буџетот на Владата Република Македонија. Исто така и 3 милиони денари за плаќање на превозот, односно рефундирање на превозот за корисниците на пензија коишто се корисници на оваа бесплатна услуга, рече Спасов.

За оваа година приоритет за користењето на оваа услуга бесплатна бањско-климатска рекреација предност имаат корисници на пониски пензии коишто подолго време се со пензија меѓутоа исто така и корисниците на инвалидски пензии со над 80% инвалидност како и корисниците на пензија коишто во минатото биле рудари или работеле во подземен ископ  со цел на оваа категорија на граѓани да им се даде предност во користењето на оваа бесплатна услуга.

-Овој проект продолжува да се реализира и понатаму до крајот на месец мај, а потоа продолжува со реализација во месец септември и октомври истата година. Меѓутоа исто така како Влада на Република Македонија планираме да го продолжиме во следните неколку години, заврши Спасов.

Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери, Драги Аргировски, потенцираше дека овој проект е од големо значење за возрасните лица, за нивното здравје и социјализација, и го поздрави неговото продолжување.