Влада: Инвестиција за нов квалитет на презентацијата на проектите и реформите и подобри услови за медиумите

Владата на Република Македонија започна со постапка за набавка на нова аудио визуелна опрема за потребите на владиниот прес-центар. Со ваквата набавка на техничката опрема првенствено ќе се излезе во пресрет на потребите на новинарите и квалитативно унапредување на условите за работа, запазувајќи ги високите стандарди на оперативност и функционалност, се вели во соопштението од Владата.

Тоа ќе овозможи подобри услови за презентација на владините политики и проекти, за инклузија на поголем број мислења во креирањето на истите, како и поголеми можности за дебата и подобра информираност на граѓаните и субјектите за можностите кои се обезбедуваат и ќе продолжат да се обезбедуваат преку реформите, стои во владиното соопштение.

Во набавката освен предметната опрема е вклучена нејзина монтажа, и ставањето во функција. Дополнително со ваквата набавка ќе се опремат и три сали за состаноци. Значајно е да се истакне дека запазени се сите законски процедури, и избрана е најповолната и најевтината понуда која одговара на пропишаните критериуми, притоа со одличен квалитет. Постапката е спроведена низ транспарентна процедура запазувајќи ги пропишаните правила во Законот за јавни набавки.