Владата ќе помогне со откупот на пиперките

Владата продолжува со поддршка и инвестирање во земјоделството, намалени се каматите на кредитите преку Македонската банка за поддршка на развојот, а ќе помогне и во надминувањето на проблемите при откупот на пиперките.

За ова информира ресорниот заменик-министер Ванчо Костадиноски по денешната посета на Кривогаштани и селото Славеј каде оствари средби со локалната власт и земјоделците, пренесува МИА.

Костадиновски беше во придружба на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Румен Стаменов.

Продолжуваме со реализација на програмската определба да инвестираме во директните плаќања по 106 милиони евра годишно, во руралната инфраструктура, во вложувањата во механизацијата, во подигнувањето овошни насади, во водостопанството, во проширувањето на мрежата за водоснабдување и за наводнување на земјоделското земјиште, истакна Костадиновски.

Тој додаде дека во водостопанството има 10-годишна програма со 200 милиони евра која го опфаќа и прилепскиот регион, а во трите мерки за инфраструктурата од Програмата за рурален развој се планирани инвестиции од 35 милиони евра.

Сите што ќе поднесат проекти може да аплицираат на огласите на Платежната агенција. Државната поддршка тежи 140 до 150 милиони евра, изјави Костадиновски.

Владата ќе помогне со откупот на пиперките
Владата ќе помогне со откупот на пиперките

Според него, бидејќи е во тек откупот на пиперките, а годинава има поголемо производство, Владата ќе помогне во решавањето на проблемите откуп – пласман.

Сакаме да видиме како се одвива откупот на пиперките, да видиме дали се почитува она што е договорено со преработувачите, да ги надминеме проблемите. Некои од производителите имаат проблеми во делот на субвенциите, особено на релацијата со преработувачите имало некои проблеми. Се договоривме да ја провериме листата на откупувачи и преработувачи и преку претставниците на производителите да им одговориме на проблемите, да се заложиме да бидат надминати, производителите да бидат исплатени, бидејќи за пиперката дополнителната субвенција е два денара за килограм предаден род во преработувачките капацитети, рече Костадиновски.

Тој потсети на владината одлука за намалување на каматите за користење кредити од Македонската банка за поддршка на развојот од три на два процента. На располагање се 10 милиони евра.

Со ова сакаме да придонесеме сите заинтересирани кои имаат потреба од средства за тековното производство и за оние кои сакаат да инвестираат во изградба на објекти, магацински простор, помошни згради. Од обезбедените околу 10 милиони евра, досега 3 до 4 милиони се искористени, а потенцијалот од 6 милиони евра кредити ги ставаме на располагање на земјоделците. Ќе се одржат и трибини со земјоделците за начинот на аплицирање за да се користат средствата, нагласи Костадиноски.

И директорот Стаменов рече дека државата ќе интервенира со мерки доколку има проблеми за да се откупи целиот род на пиперките.

Постојано сме на терен за да спречиме диви откупувачи. Годинава има хиперпродукција, истовремено е стигнат родот во Струмичкиот и Кривогаштанскиот регион. Има пад на цените,  сега е цената 16 до 18 денари за килограм како резултат на состојбите во Македонија и во регионот. Во Хрватска се стопира прометот и се одразува во земјава. Ги следиме состојбите, ќе им дадеме максимална поддршка на земјоделците и доколку има потреба за дополнителна интервенција и за дополнителни мерки, тие ќе бидат благовремени за да се прибере родот и земјоделците да си ги добијат средствата за да влезат во нов производствен циклус, изјави Стаменов.

Според градоначалникот на Кривогаштани Тони Заткоски, Општината користи средства за осум проекти, меѓу кои е и добиточниот пазар кој е во завршна фаза, а го посетија со заменик министерот Костадиновски.

Преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделските општини, Кривогаштани има аплицирано на двата повика, во 2013 и годинава со вкупно осум проекти и еден проект преку Центарот за развој на пелагонискиот плански регион. Конкретните инвестици се над еден милион евра. Средствата ќе бидат искористени во подобрување на комуналната и патната инфраструктура, со посебен акцент на канализациската мрежа, посочи Заткоски.

Кривогаштани инвестираше 300.000 евра во изградбата на Добиточниот пазар преку Агенцијата за финансиска поддршка на руралните општини.

Откупувачите велат дека на маса треба да седнат сите заинтересирани страни за да нема проблеми.

Проблемот може да се реши ако на маса седнат домашните преработувачи, со претставници на Владата, од откупувачите и производителите за да се откупат количествата и извозот да тече што побрзо, нагласи Рибин Благадуша, откупувач.

Заменик-министерот Костадиновски ги потсети земјоделците во селото Славеј дека до крајот на месецов трае огласот за закуп на земјоделското земјиште.