Владата бара нов директор на Централниот регистар

Владата на Република Македонија распиша оглас на кој бара да се пријават кандидати за позицијата директор на Централниот регистар на Република Македонија, институција која во изминатиот период беше раководена од Ванчо Костадиновски.

По изборот на досегашниот директор Костадиновски на позицијата заменик-министер за земјоделие, за позицијата директор на Централниот Регистар е распишан оглас за пријавување на интерес.

„Апликациите на кандидатите за оваа позиција ќе може да се достават до 25 јули оваа година, со аплицирање по електронски пат, пополнување на апликацијата која е поставена на интернет страната на Владата, и доставување на лична биографија и мотивациско писмо, се разбира и дипломи и сертификати доколку кандидатот поседува такви“, изјави за Курир владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Основните услови кои потенцијалните кандидати треба да ги исполнуваат за конкурирање за позицијата директор на Централниот регистар се кандидатот да има најмалку 5 години работно искуство и завршено високо образование со стекнати најмалку 240 кредити или завршен VII/1 степен, стои во огласот на Владата.

По завршувањето на рокот за аплицирање, ќе биде спроведена селекција при што е можно со дел од кандидатите кои ќе бидат селектирани да бидат извршени и интервјуа.