Владата бара тројца промотори за Норвешка и Кина

Со тројца нови промотори Македонија ќе дојде до повеќе странски инвестиции. Владата бара двајца кандидати кои ќе ја покриваат територијата на НР Кина, додека третиот промотор ќе биде лоциран во Осло, Норвешка. Огласот на Агенцијата за странски инвестиции е веќе објавен и ќе трае до 12 октомври.

-Овие промотори кои што ги бараме на огласот, кој трае до 12 октомври оваа година, се значајни за да ја пополнат комплетната слика, структурата на економски промотори во дел од овие земји кои се брзорастечки, богати и имаат суфицит на капитал, а имаат и компании кои што сакаат да го шират своето производство. Со пласирањето на промоторите во овие земји би имале корист за обезбедување на поголем број на контакти, со поголем број на компании и се разбира зголемување на можностите за економската соработка, трговската размена, а особено соработката на полето на инвестициите, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Досега, Македонија во Норвешка немала промотор. Овој корпус на земји од Скандинавија бил покриван од страна на промотор лоциран во Шведска. Со испраќање на промотор во Норвешка, ќе се даде дополнителен импут на зголемување на можностите за остварување на соработна на полето на инвестициите со норвешки компании, но и со компании кои партиципираат во другите земји од Скандинавскиот полуостров.

-Во НР Кина бараме двајца промотори, од кои што едниот би бил стациониран во Шангај, кој што е финансиски, економски центар во Кина, каде што е лоцирана една од најголемите берзи во светот, каде што постојат огромен број на компании кои сакаат да го шират своето производство, да соработуваат, да пласираат капитал во остатокот од светот не само во Кина, туку да се шират и во Азија, а особно во Европа, кде што ја гледаме шансата Македонија да биде порта за овие кинески фирми кои би сакале да влезат на европскиот пазар. Вториот промотор пак, би бил лоциран во Гвангжу, кој е главен град на една од најбрзорастечките провинции во НР Кина, која што има огромни обеми на надворешно-трговска размена и најтесно соработува со останатите региони во Кина и со Хонг Конг. Се чини со компаниите кои таму работат и функционираат дека може да се направат дополнителни чекори за соработка, особено по посетата на владиниот економски тим на градот Гвангжу каде што беше направен и бизнис форум, беа остварени и поголем број на средби, додаде Ѓорѓиев.

Сите кандидати кои имаат желба, капацитет и квалитет, се повикани да се пријават на огласот. Своите апликации може да ги достават по електронски пат на меил адресата ekonomski_promotor@investinmacedonia.com, но може да ги достават и во хартиена форма по пошта или во седиштето на Агенцијата за странски инвестиции.

Кандидатите треба да имаат високо образование, најмалку две години работно искуство во оваа сфера, одлично познавање на англиски јазик и познавање на јазикот на земјата домаќин, а апликациите кои ќе ги поднесат треба да содржат мотивациско писмо не подолго од 500 зборови и кратко резиме, односно лична биографија во која ќе ги наведат своето образовани и работното искуство.