Владата целосно ќе ја покрие штетата на објектите во Куманово, почна проценката

Комисијата за проценка на штетите составена од членови на Владата и Општина Куманово од денеска започна проценка за утврдување на материјалните штети на недвижниот и движниот имот во населбата „Тоде Мендол“ во Куманово на местото каде викендот се одвиваше полициска акција, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Акциски план за постапување по синоќешните заклучоци од Владата за формирање на Комисијата е донесен на денешната средба во општина Куманово на министрите за транспорт и врски  и за локална самоуправа Миле Јанакиески и Лирим Шабани.

Владата на последната седница одлучи да се изврши обештетување во висина од 100 проценти од проценетата штета на терен.

kumanovo1

На семејствата чиишто домови се оштетени во акцијата во мерка која не дозволува услови за престој ќе им се обезбеди сместување во периодот потребен за санација на нивните домови или додека трае санацијата ќе добиваат финансиски надомест за закуп на простории (кирија). На тие семејства ќе им доделена и првична еднократна хуманитарна помош во висина од 100.000 денари по единица оштетен дом.

Надлежните државни комунални, медицински и санитарни институции, во соработка со Општина Куманово и Град Скопје, ќе пристапат кон расчистување на теренот со цел обезбедување на првобитните услови за живот.

Комисијата за проценка на штетите, според владините заклучоци, во рок од 7 дена ќе подготви извештај за проценетата штета и ќе го достави до Владата на РМ.