Владата додели 42 милиона денари за проекти за регионален развој

Владата додели 42 милиони денари за 44 проекти за регионален развој на вториот јавен повик.

Како што соопшти денеска вицепремиерот Владимир Пешевски, проектите се доставени од центрите за развој на планските региони и од општините, а се разгледани и оценети по однапред утврдени критериуми од стручна комисија формирана во Министерството за локална самоуправа, пренесува МИА.

Повикот беше организиран по ребалансот на Буџетот и распишан во септември годинава.

Со реализација на двата повика годинава, со Програмата за рамномерен регионален развој, посочи Пешевски, од Буџетот на државата се финансирани вкупно 107 проекти вредни 132 милиона денари што е двојно повеќе од средствата доделени лани од околу 60 милиони денари.

Владата е силно посветена на поттикнувањето на рамномерниот регионален развој и во Предлог-буџетот за 2016 година само за оваа намена се предвидени двојно повеќе средства од годинава, односно 300 милиони денари или околу пет милиони евра, напомена вицепремиерот по 15. седница на Советот за рамномерен регионален развој.

Според него, една третина од проектите се за подготовка на елаборати, техничка и проектна документација, како и физибилити-студии за проекти со повеќекратно поголема вредност за кои регионите или општините обезбедуваат средства и од други извори на финансирање – европски фондови, Светска банка,…општински буџети, концесии или јавно приватно партнерство.

Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани подвлече дека првпат се воспоставува ваква пракса, на објавување два јавни повика во тек на една година, што досега беше невообичаено.

Владата годинава двапати издвои средства за финансирање проекти за развој на регионите, селата и подрачјата со специфични развојни потреби, напомена Шабани, додавајќи дека средствата за поттикнување на рамномерниот регионален развој ќе бидат подеднакво распределени по плански региони.

За развој на подрачјата со специфични потреби бенефит ќе имаат 15-ина општини, а ќе се финансираат и 12 проекти за развој на села во 12 општини.

Вицепремиерот и министерот информираа дека за поефикасно спроведување на Програмата за рамномерен регионален развој, предложени се и законски измени кои се веќе во собраниска процедура, а кои треба да обезбедат подобро функционирање на центрите за поддршка на планските региони, нивно подобро финансирање и самоодржливост.