Владата договори изградба на нови градинки, училиште, водоводи

Владата договори изградба на нови градинки, училиште, водоводи
Владата договори изградба на нови градинки, училиште, водоводи

Претседателот на Владата, Никола Груевски, денес на координативен состанок со  министрите, директорите и градоначалниците повторно на повеќе часовна средба ги разгледуваа проблемите и барањата од граѓаните кои беа посочени при редовните теренски посети и средби на премиерот во сите региони од државата.

Инфраструктурни проекти, изградба на водоводни и канализациони мрежи, изградби на градинки и спортски сали, патишта и асфалтирање на улици во повеќе општини, населени места и населби, беа само дел од точките на денешниот координативен состанок. Со детални рокови, динамика за реализација и разгледување на сите можности за излегување во пресрет на барањата на граѓаните се расправаше за секој пооделен проект.

На состанокот кој се уште трае во Владата, беше договорена дополнителна изградба на 4 нови градинки и проширување на капацитетите на уште три постоечки градинки. Во постојниот план беше договорено да се градат две нови градинки во Куманово.

-Во 2016 планираме таму два објекти да се направат за градинки, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

 

Покрај најавата за изградба на нови градинки планирано е и проширување на постојните капацитети на градинката во населбата Гоце Делчев која треба да се реализира во 2017 година.

Ќе се гради градинка и во населбата Драчево во дворот на училиштето „Кузман Шапкарев“. Беше договорено активностите да започнат во втора половина на 2016 година

-Заклучок предложи на Влада. До тогаш да подготвите се што треба, проекти, тендерска постапка и да почне во втората половина на 2016, истакна Груевски.

Истотака, во ноември ќе се започне да се гради и градинка до 100 дечиња во Горно Лисиче која што треба да биде комплетно готова до септември 2016 година. Градоначалникот на општината Ивица Коневски на состанокот информираше и за проширување на капацитетите на две постоечки градинки во Аеродром со што како што кажа ќе се задоволат потребите на граѓаните од оваа општина.  Во Аеродром, во Долно Лисиче средината на наредната година започнува и реконструкција на улиците 1 и 2 што беше и барање на граѓаните изложено при посетата на премиерот.

-Веднаш штом завршат во мај, јуни вие почнувате со реконструкција на улицата 1 и 2 во Долно Лисиче, посочи премиерот.

Крајот на наредната година беше договорено да отпочне со градба и нов објект на основното училиште „Димитар Македонски“ во населба Горно Лисиче.

-Како што се договоривме при средбата и на минатиот координативен состанок, во рамки на буџетот за 2016 година планирани се средства за проект кој потоа во текот на годината, по дефинирање на проектот, МОН ќе тендерира кон крајот на 2016 да почнеме со градба на нов училишен објект. Крајот на 2016, почетокот на 2017 почнува градбата на ново училиште, истакна заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Иако не им беше ветено на граѓаните, на состанокот се договори и изградба на спортска сала во Долно Лисиче која треба да влезе во Програмата за 2017 година.

За општина Старо Нагоричане беше разгледано барањето за изградба на водовод во населеното место Татариновац при што се договори распишување на тендер за изведба од страна на Министерството за транспорт и врски веднаш по доставувањето на проектот од општината.

За оваа општина се договори и до ноември општината да заврши со изработка на општиот акт за изградба на спортска сала во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ за да може истата Министерството за образование да ја отпочне со градба во 2016 година.

-Потрудете се до крај на ноември општиот акт за изградба на спортска сала да биде завршен за да може МОН да ја стави во план да ги почне подготовките во 2016 да почне и градбата, истакна Груевски.

На состанокот беа разгледувани и барањата на граѓаните од Кисела Вода за поголема присутност на сообраќајната полиција во повеќе реони на општината за што веќе се одржал и состанок во МВР за кој информираше ресорниот министер Митко Чавков.

-И со градоначалникот имавме средба веднаш после првиот состанок кога беа испорачани барањата од граѓаните. На состанокот присуствуваше директорот на БЈБ и началникот на Секторот за внатрешни работи Скопје и беа посочени барањата и проблемите со кои се соочуваат граѓаните и договорени се веднаш засилени мерки и активности за соодветно покривање со патроли и не само во однос на тоа прашање, туку и за другите прашања утврдивме веднаш динамика. Веќе има зајакнати контроли, истакна Чавков.

Покрај овој вид на барања, на координативниот состанок детално се разгледуваа и барањата од личен карактер кои се однесуваат за одреден личен проблем на граѓаните, а за кои беше информиран премиерот при неговите редовни теренски посети. Во тој контекст на состанокот беа решени барања од граѓаните кои се однесуваа на индивидуални предмети за реновирање на објектите во сопственост на ПУИГ, а во кои живееле едно или повеќе семејства, се разгледуваа барањата поврзани со владиниот проект за отпис на долгови, барањата поврзани со процесот на исплата на надоместокот за обесштетување на граѓаните од поплавените региони и сл. За сите овие барања, институциите беа задолжени од премиерот поединечно да ги исконтактираат граѓаните и да ги известат за степенот и можноста за реализација за нивното доставено барање.

Од Владата информираат дека овој вид на координативни состаноци ќе продолжи и во идниот период бидејќи истото претставува продолжување на континуитетот на работата на премиерот базиран на редовни средби со граѓаните и постојано разгледување на посочените проблеми и барања на граѓаните, без разлика дали истите се однесуваат на едно семејство или на едно населено место или населба.