Владата донесе одлука за спроведување кампања за референдумот

Владата на денешната седница донесе одлука за спроведување на кампања од јавен интерес за референдум за прашањето “Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?”

Имајќи предвид дека членството на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО е стратешка определба на државата, а со решавање на долгогодишниот спор со соседна Република Грција пречките за натамошна интеграција се отстранети, Владата на Република Македонија носи одлука да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес – кампања за референдумот. Кампањата за референдумот ќе се спроведе со цел споделување информации од јавен интерес за граѓаните/гласачите во Република Македонија, околу содржината на Договорот со Грција, придобивките од интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ и планот по кој земјата ќе се движи кон Алијансата и кон Унијата, велат од Владата.

Во планирањето и спроведувањето на информативната кампања за референдумот, Владата ќе работи транспарентно и отчетно, согласно следните стандарди за јавни комуникации од интерес на јавноста: релевантност, објективно и информативно комуницирање, непартиски комуникации, пропорционалност и рационалност. Каналите низ кои се споделуваат информациите со јавноста треба да бидат организирани на економичен и соодветен начин, а за трошењетo на јавните пари треба да се известува. Владата е отчетна кон граѓаните и Парламентот за тоа на кој начин ги користи државните службеници или други јавни ресурси или расходи.

Информативните кампањи од јавен интерес на Владата треба да се натпреваруваат за внимание од јавноста со други активности на публицитет односно со другите кампањи во општеството. За да бидат ефективни, тие треба да бидат презентирани на професионален начин т.е. на начин со кој јавноста добива јасна порака. Притоа, недозволива е лоша презентација што може да предизвика неефикасно трошење на јавни средства, без да се постигнат очекуваните резултати. Би било контрапродуктивно ако степенот на трошење на средствата за јавна кампања го попречи комуницирањето на пораките кои што треба да се пренесе. Неопходно е и ќе биде реализирано прецизно планирање на целите, мерките и системот за евалуација – на секоја комуникација која вклучува трошоци на ресурси со цел да се осигура ефективност и резултати во реализација. Во процесот на спроведување на информативната кампања за референдумот, владините службеници за комуникации и односи со јавност, како и за секоја друга официјална владина комуникација, ќе работат согласно стандардите и кодексот на однесување во рамки на Закон за административни службеници и Етички кодекс на административните службеници, како и согласно универзалните принципи на: интегритет, чесност, објективност и непристрасност, велат од Владата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.