Македонија

Владата ги укинува увозните давачки за индустриската пиперка

Владата ги укинува увозните давачки за индустриската пиперка

Владата на вчерашната седница донесе одлука да ги укине увозните давачки  за индустриска пиперка. За ова денеска информираше владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција. Тој посочи дека одлуката стапува на сила од денеска и ќе важи до крајот на годинава.

– Со одлуката се укинува царинската давачка од 50% за увоз на индустриска пиперка во Македонија и до 31 декември ќе можат да се увезат 2.000 тони без никаква давачка. Принципот на реализација на одлуката ќе биде „прв дојден, прв услужен“, а еден увозник не ќе може да увезе повеќе од 500 тони, рече Ѓорѓиев.

Нагласи дека на вчерашната седница била донесена одлука и за намалување на царинската давачка на доматно пире од 50 на 25 отсто. Оваа давачка ќе важи до 30 јуни 2015 година и ќе можат вкупно да се увезат 500 тони по истиот принцип „прв дојден, прв услужен“, а еден увозник не ќе може да увезе повеќе од 125 тони.

– Овие одлуки се донесени на барање на бизнис-заедницата по сеопфатни анализи кои покажаа дека нема да им штетат на домашните производители, а воедно ќе овозможат исполнување на договорите што ги имаа нашите производители од конзервната индустрија посебно во делот на пиперките со странските добавувачи, рече Ѓорѓиев.

Тој посочи дека домашното производство на индустриска пиперка веќе е речиси продадено и додаде дека остануваат за продажба уште околу илјада тони, додека за доматното пире, посочи, дека во Македонија има дефицит на производители, а и годинава климатските услови не биле поволно за производство на домат.