Владата го номинира Срѓан Керим за генерален секретар на ООН

Владината прес служба соопшти дека Владата на Република Македонија одлучи да го номинира д-р Срѓан Керим, поранешен шеф на македонската дипломатија и 62-ри претседател на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации, за функцијата генерален секретар на ООН.

Источноевропската група во ООН на која припаѓа и Република Македонија во ноември 2014 година зазeде заеднички став дека следниот генерален секретар  на Светската организација, по основ на системот на ротација, би требало да биде избран од нејзините редови.

Како резултат на дипломатски консултации и  високите оценки за неговото меѓународно искуство, познавање на глобалните светски процеси и квалификации, а особено широкото признание меѓу земјите членки за претседавањето со Генералното собрание на ООН, Владата на Република Македонија оцени дека д-р Срѓан Керим е личност што ги исполнува неопходните услови и критериуми да биде кандидат за функцијата генерален секретар на ООН, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.