Македонија

Владата го објави огласот за членови на Советот за јавни набавки

Владата го објави огласот за членови на Советот за јавни набавки

Владата го објави огласот преку кој се бараат членови на Советот за јавни набавки и на кој што заинтересираните лица ќе може да аплицираат најдоцна до 27-ми декември.

„Апелираме до граѓаните за искористување на оваа можност и за конкурирање на истиот.  Лицето кое аплицира за членство во Советот за јавни набавки треба да ги исполнува следните услови: да е државјанин на Република Македонија, што се докажува со доказ за државјанство; да има најмалку три години искуство во областа на јавните набавки, што се докажува со решенија за учество во комисии за јавни набавки, решенија за распоредување на соодветно работно место поврзано со јавни набавки, потврда за положен испит за лице за јавни набавки, препораки од претходни работодавачи за успешно вршење на работни задачи од областа на јавните набавки и други документи што кандидатот ги смета за соодветни за докажување на искуството во областа и да има завршено високо образование, што се докажува со уверение. Членовите на Советот за јавни набавки не можат да бидат членови во органи и тела кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија или Владата на Република Македонија“, рече на денешната прес конференција портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Тој потсети дека Советот за јавни набавки ќе има многу важна улога во системот за јавни набавки, а неговата значајност ќе се огледа пред се во издавањето на специфичните согласности за реализација на специфични јавни набавки, и во случаите на издавање на специфични согласности за реализација на јавни набавки во специфични услови.

„Предвидени се четири видови согласности кои ќе ги издава Советот за јавни набавки и тоа: согласност за техничките спецификации, во случаи кога на пазарот нема најмалку 5 производители или понудувачи кои може да ги задоволат техничките спецификации, согласност за критериумите за утврдување способност, ако условите за способност не ги задоволуваат минималниот број понудувачи утврдени со законот, зависно од видот на постапката, согласност за користење на критериумот економски најповолна понуда, согласност за групирање на повеќе ставки во еден дел – и тоа во случаи само кај набавката на лекови, потрошни медицински материјали и медицински помагал“, вели Ѓорѓиев.

Предвидено е Советот да има пет членови кои ќе имаат мандат од четири години