Владата гo вклучи и СЈО во групата за реформи на следењето на комуникациите

На денешната 39. владина седница, била усвоена одлука и СЈО и експерти од земјава и странство да бидат вклучени во работната група за спроведувањето на реформите во системот на прислушувањето, односно за следењето на комуникациите.

„Оваа одлука е донесена врз основа на увидената потреба во нејзината работа да бидат вклучени и претставници од Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и експерти од земјата и странство кои ќе се повикуваат по потреба“, се вели во соопштението од Владата за денешната седница.

Покрај тоа, била донесена одлука за прераспределба на буџетски пари помеѓу корисниците од централната власт и фондовите заради исплаќање на разни обврски.

Владата го усвоила и предлог–законот за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со кој се менува висината на придонесите за  вработените, а се овозможува и задолжително осигурување за индивидуалните земјоделци. Во врска со земјоделците се и измените што ги  донесува предлог–законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, кој исто така бил прифатен на вечерашната седница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.