Македонија

Владата и приватните компании покажуваат општествена грижа и одговорност

Владата и приватните компании покажуваат општествена грижа и одговорност

Владата е задоволна од интересот кој го покажале економските субјекти и кои се одзвале на огласот за проектот за отпис на долгови.

„Сите оние сфери кои ги комунициравме уште во рамките на предизборието, се одзваа на овој позив. Имаме некаде околу 14 банки, две штедилници, ЕВН, ЕЛЕМ, ЈП Македонска радиотелевизија, Топлификација-БЕГ, значи сите оние трошоци ки ќе бидат отпишувани се влезени во рамките на овој прв дел од спроведувањето на самиот проект“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев во гостувањето во дневникот на Сител.

Тој посочи дека се благодарни до сите овие економски субјекти кои покажале голема општетствена одговорност, кои го препознале квалитетот на самиот проект и помошта која би се дала на овие лица кои се во еден социјален ризик.

Ѓорѓиев додаде дека и самите економски субјекти ќе имаат определен бенефит, бидејќи владата дава даночен кредит во висина од 10 проценти од вкупните долгови.

„Во следниот период во поглед на комплетирање на првата фаза ќе следува потпишување на договори помеѓу Министерството за финансии и овие економски субјекти со кои ќе се уредат односи и ќе се предвидат процедурите за понатамошно постапување. Втората фаза ќе отпочне набргу, Министерот за финансии ќе го објави јавниот повик кој во оваа втора фаза ќе се однесува на должниците. Се работи за лица кои се корисници на социјална парична помош, на постојаната парична помош, лица кои се невработени во период подолг од 12 месеци или пак лица кои е во определен социјален ризик кој настанал поради тешка болест, смрт на член на семејството“, нагласи Ѓорѓиев.

Отписот на долгови се однесува на трошоци за топлинска и електрична енергија, долгови кон банки, трошоци за радиодифузна такса.