Владата и рударите оптимисти за рестартирање на „Злетово“ и „Тораница“

Премиерот за спроведување на парламентарните избори Емил Димитриев денес имаше средба со претставници на рудниците Злетово и Тораница. Владата и рударите се оптимисти за рестартирање на рудниците „Злетово“ и „Тораница“.

Владата распиша постапка за концесија на која ќе се избере нов концесионер за рудниците кој треба да предложи сериозен бизнис план за рестартирање, инвестиции и развој на рудниците.

Од Владата информираат дека заинтересирани фирми има, а додека се избере нов концесионер, опстојувањето на рудниците ќе го финансира Владата. Од нејзина страна ќе бидат покриени трошоците за одржување.

Со претставници на вработените во двата рудници „Тораница“ од Крива Паланка и „Злетово“ од Пробиштип, како и со градоначалниците од двете општини денес средба оствари премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев. Средбата ја оцени како плодна и конструктивна.

Оваа можност ја искористивме да ги информираме вработените во овие два стопански капацитети за актуелните состојби што презема владата за нов рестарт на овие крупни капацитети во Република Македонија, ги информиравме дека е објавен повик за концесија на минералните суровини, којшто треба да заврши на 14 март, а на 16 март следи јавна аукција за избор на компанија којашто ќе ги добие на концесија минералните суровини. Беше отворено прашањето околу одржувањето на рудниците и на задоволство на вработените во рудниците и на наше задоволство ги информирав дека владата донесе одлука со која го презема одржувањето, бидејќи во ситуација кога немаме концесионер имаме правна основ, но уште повеќе и обврска да се грижиме за одржување на рудниците до нивната продажба и добивање на нов сопственик. Владата на последната седница донесе одлука за финансирање на одржувањето со 60.000 евра во денарска противвредност сметано од декември 2015 до јули 2016 година, а тоа е еден период кој треба да се поклопи со периодот на изнаоѓање на нов инвеститор и рестарт на истите. Од нивна страна беше искажано задоволство дека со ова праќаме сигнал како Влада дека стоиме зад сите барања на овие две компании и дека од близу го следиме развојот на настаните и помагаме за рестарт на овие две компании, рече Димитриев.

Во меѓувреме, Владата и Министерството за економија ги контактираат заинтересираните компании и  Димитриев потенцира дека се оптимисти дека во овој период ќе има подигање на тендерска документација и аплицирање за јавната аукција на средина на март.

Овие чекори на Владата се важни и од аспект за давање на поддршка за квалитетен рестарт на рудниците, со подобрување на амбиентот за изнаоѓање на нов концесионер. Заинтересираните фирми ќе знаат дека Владата сериозно стои зад целиот овој процес.

Рударите го поддржуваат ангажманот на Владата во овој процес.

Заостанатите обврски на стариот концесионер кон доверителите и вработените ќе се подмират во стечајна постапка.