Владата интензивно работи на гасоводот ТАП

Владата подолг период посветено работи на обезбедување на енергетски алтернативи и диверзификација на енергетските извори. Заев манипулира кога вели дека Владата нема интерес за гасоводот ТАП или пак не ги следи јавните настапи од кои е повеќе од јасно дека Владата секогаш се интересирала и работела на вклучување на Македонија во Трансјадранскиот гасовод – ТАП, кој ќе обезбедува азербејџански гас, пишува „Курир“.

Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев уште во јуни 2014-та потврди дека Владата интензивно работи на гасоводот ТАП.

-За ТАП подолго време комуницираме со партнерите, сме имале поголем број контакти, квалитетни и по обем и по суштина, последен пат со претставници на ТАП кои беа во земјава неодамна, и на овој план работите се одвиваат во добра насока, изјави Ѓорѓиев, пренесе порталот А1он.

И премиерот Груевски во интервју за неделникот Република во септември 2014 година опширно ги образложи владините планови и активности за диверзификацијата на енергетските извори за Македонија. Истакна дека повеќепати тој лично зборувал со азербејџанските власти за вклучување на Македонија во ТАП гасоводот.

-За ТАП разговарав и со претседателот на Азербејџан кога бев во Баку пред година и половина, со премиерот и министерот за развој и со сопствениците на компанијата СОКАР која што ќе го гради овој гасовод. Компанијата подоцна испрати и свои претставници во Македонија, имавме разговори, значи тие се отворени, нема никакви проблеми со нив. Но, проблемот со тој гас е што ќе стигне доцна во Европа, некаде во 2022/2023 година. Односно, ќе стигне гасоводот во 2021 година, но за првите две години веќе се распродадени количините на гас, значи количини гас за Македонија би имало најрано 2023 година доколку нема доцнење на овој проект, подвлекува премиерот.

Покрај обидите и работата за вклучување во азербејџанскиот гасовод , премиерот Груевски истакнува дека се работи и на можноста за вклучување и во други меѓународни гасоводни системи.

-Разгледуваме и други варијанти за други гасоводи. Приклучување на интерконективниот гасовод меѓу Романија и Бугарија е едната опција, а втората опција е да се повлече цевка од Грција. Тие имаат изградено цевки некаде до 30-тина километри до нашата граница, што значи ние би требало да изградиме цевка внатре во Грција до нашата граница и внатре во нашата земја, до каде што е потребно за да се повлече течен гас од атинското пристаниште каде што го носат со бродови. Во овој контекст немаме проблем со Грција. Таа не го сопира ова, дадоа изјава дека нема никаков проблем да се заврши таа работа, така што со нашиот економски тим сме во комуникација со сите овие кои ги споменав и наскоро треба да донесеме одлуки кои од овие ќе биде прва наша опција, втора наша опција итн. Така што засега со овие количини што ги добиваме на гас немаме проблем на краток рок, но на подолг рок кога ќе се изгради целата гасоводна мрежа низ Македонија- и примарната и секундарната – би ни требале дополнителни количини на гас. И она што го работиме е за следните 5-6 години да немаме проблеми со количини на гас, потенцира премиерот Никола Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.