Владата ќе објави нов јавен повик за изградба на дистрибутивна гасоводна мрежа

Владата на синоќешната седница донесе одлука да ја започне постапката за објавување јавен повик за изградба на дистрибутивна гасоводна мрежа во трите региони Скопскиот, Западниот и Источниот, односно на целата територија на Македонија, по пат на јавно приватно партнерство.

Со одлуката, како што прецизира советникот на премиерот за енергетика Христијан Мицковски, се предвидува зголемување на концесијата од 20 на 30 години и намалување на цената на приклучокот за граѓаните од 100 на 80 евра. Останатите средства ќе бидат субвенционирани од Владата.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев истакна дека Владата во изминатиот период беше фокусирана на изградба на магистралните правци и нагласи дека веќе е завршен гасоводот Штип – Клечовце, неодамна почна да се гради магистралната линија од Клечовце до Неготино, а наскоро ќе следи реализација и на линиите од Неготино до Битола, како и од Скопје до Гостивар преку Тетово. Во втората и третата фаза ова ќе добива на динамика и на интензитет.

Како што прецизира Ѓорѓиев, причина за објавувањето на новиот повик е новонастанатата ситуација на светскиот пазар на гас.

– Со одлуките за објавување јавен повик стартува нов процес чија финална цел е обезбедување на достапност на природниот гас како енергенс за потребите на домаќинствата, на граѓаните, на бизнис секторот, на јавниот и приватниот сектор, односно за сите граѓани на Република Македонија. Ова е процес кој во својата суштина претпоставува нов квалитет и нова додадена вредност што создава услови за сериозен оптимизам на Владата за успешна и ефикасна реализација на процесот, рече Ѓорѓиев.

Тој прецизира дека во изминатиот период тимови во кои покрај носители на функции од ресорите кои се надлежни за природен гас, партиципираа и експерти извршија анализа на процесот, кој во меѓувреме беше стопиран. При тоа, нагласи, беше констатирано дека новите услови кои владеат на регионалниот, европскиот и на светскиот пазар бараат потреба од нови пристапи и нови решенија чија цел е зголемување на атрактивноста на проектот, обезбедување на поголеми услови и можности, како и атракција за приватните инвеститори да инвестираат за да се обезбеди повисок степен на задоволување на потребите на граѓаните и на сите потенцијални консументи на природниот гас како енергенс.

– Сите анализи се веќе инкорпорирани во процесот кој го почнуваме со донесувањето на одлуката за нов јавен повик. Тоа дава сериозен оптимизам дека ќе следува успешна завршница на процесот, рече Ѓорѓиев.

Во рамките на анализите, додаде, беа опфатени истражувања на пазарот, истражувања и квалитативни анализи и препораки за новите моменти кои се присутни на регионалниот и на пошироките пазари, како и анализа на можностите за подобрување на интересите на граѓаните и на субјектите кои потенцијално ќе го користат гасот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.