Владата ќе инвестира повеќе од 200 милиони евра во системите за наводнување

Повеќе од 200 илјади евра во системите за наводнување на земјоделското земјиште ќе инвестира Владата на Република Македонија, според новата Стратегија и реформи на системите за наводнување.

За таа цел, Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со земјоделските задруги, како и професори од оваа област, пред скоро една година формираа Комитет за наводнување.

Од денеска па се до самиот почеток на функционирање на Стратегијата, Комитетот ќе работи на терен и ќе се сретне со лицата кои се најтесно засегнати со овој проблем.

Премиерот Никола Груевски, истакна дека стратешкиот план е за 10 годишно функционирање и инвестирање во системите за наводнување на земјоделското земјиште.

„Потребен е континуитет во инвестирањето, планирано е изградба на брани на Оризарска река, Конско-Гевгелија, Маркова река, како и на други локации. Во првите три до четири години планирано е и инвестирањето да се движи од 18 до 20 милиони евра, со тенденција на пораст на средствата кои ќе се одвојуваат понатаму. Почнувајќи од 2004 година, па до денеска, имаме 10 годишно искуство и знаеме во кој правец треба да се одвива Стратегијата и реформите“, рече премиерот Груевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, истакна дека Стратегијата ќе започне да функционира од 2015 година и ќе биде се до 2025 година. За Стратегијата, покрај сопствените, ќе се црпат искуства и од Турција, Израел и Хрватска. Предвидена е изградба на брани на Оризарска река-Кочанско, Конско-Гевгелија, со кои ќе бидат опфатени 6 илјади хектари земјоделско земјште, браната Злетовица, ќе покрива 4.500 хектари, а за Лисиче-Велес, е планирано да се спои со езерото Младост и да покрива 4 илјади хектари.

„Во моментов во Македонија се наводонува преку систем од 25 до 30 илјади хектари земјоделско земјиште. Наша цел е покриеноста со Стратегијата да биде 85 илјади хектари. За да го реализираме сето тоа, предвидовме реформи во системите за наводнување, како и бројни инвестиции кои пресметано на крајот ќе изнесуваат повеќе од 200 милиони евра“, рече министерот Димовски.

Заедно со истото ресорно министерство од Турција, планирана е и инвестиција од 10 мини хидроакумулации во Пелагонија, прилепско, Валандово, струмичко,Козајчкиот регион…

Конечната верзија на Стратегијата треба да се усвои во септември.