Владата кофинансира вработување на социјално ранливи категории

Компаниите може да се пријават на огласот за користење на средства за вработување на лица од социјално ранливи категории кој е во тек.

Целта на огласот е да се даде помош на компаниите за да вработат кадар и да се придонесе за вработување на кадар од социјално ранливи категории кои послабо котираат на пазарот на трудот.

-Во огласот постојат две варијанти коишто нудат определени предности за компаниите, во зависност од тоа на колку долг период сакаат да го ангажираат работникот и врз основа на профилот на кадар којшто им е потребен. Огласот е се уште отворен, постојат квантум на средства коишто Владата ги пласирала кон потенцијалните работодавци и компаниите е добро да се искористат можностите кои се нудат со едноставно поднесување на барање до Агенцијата за вработување, по што веднаш во еден многу брз период Агенцијата би селектирала профили на кадри коишто би им биле понудени на самите компании за нивен избор, за потоа да може да биде префрлена и владината помош согласно огласот, истакна портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.

Шест месечна субвенција на нето плата и шеесет месечно ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување

Доколку работодавачот се одлучи за овој модел на погодности, субвенцијата ќе се исплаќа во два износи – еден понизок за лицата кои немаат квалификации и еден повисок за оние лица со повисок степен на образование или кои ќе бидат вработени на места на кои се извршуваат покомплексни работни задачи. Понискиот износ на субвенцијата е нето месечна плата од 10.500,00 МКД по вработено лице, а повисокиот износ на субвенцијата е нето месечна плата од 11.900,00 МКД по вработено лице и овие износи ќе се исплаќаат во текот на првите 6 месеци од периодот на субвенционирано вработување. Дополнително од денот на склучување на договорот за вработување работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во времетраење на 60 месеци за лицата вработени преку оваа програма согласно Законот за дополнување на законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (Службен весник бр. 56 од 7.04 2015 година).

Потенцијални корисници на оваа мерка се следниве категории на лица кои се дел од целната група наведена во точка 1 од овој оглас:

-Корисници на Социјална парична помош

-Лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа (корисници на парична помош 18-26)

-Жртви на семејно насилство кои се сместени во шелтер центри или чијшто месечен семеен приход по член на семејство во годината пред годината во која аплицираат е понизок од 50% од последната просечна нето плата објавена од Државниот завод за статистика

-Членови на семејства корисници на едно од следниве права: Постојана парична помош и Детски додаток, кои истовремено исполнуваат и еден од следниве услови:

– Родители на деца со пречки во развојот кои се корисници на посебен додаток најмалку три месеци пред вработувањето согласно мерката од овој член;

–   Инвалидно лице со утврдена инвалидност согласно Закон за вработување на инвалидни лица и лице со утврдена намалена работна способност или професионална неспособност за работа за 50% согласно прописите од пензиското и инвалидското осигурување;

–  Невработено лице кое е родител на три или повеќе деца и кое најмалку три месеци пред вработувањето немало заснован работен однос;

-Самохран родител и член на еднородителско семејство кое најмалку три месеци пред вработувањето немало заснован работен однос.

Плаќањето на персоналниот данок на доход останува обврска на работодавачот.

Шест месечна субвенција на нето плата и триесет и шест месечно ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход со обврска

Доколку работодавачот се одлучи за овој модел на погодности, субвенцијата ќе се исплаќа во два износи – еден понизок за лицата кои немаат квалификации и еден повисок за оние лица со повисок степен на образование или кои ќе бидат вработени на места на кои се извршуваат покомплексни работни задачи. Понискиот износ на субвенцијата е нето месечна плата од 10.500,00 МКД по вработено лице, а повисокиот износ на субвенцијата е нето месечна плата од 11.900,00 МКД по вработено лице и овие износи ќе се исплаќаат во текот на првите 6 месеци од периодот на субвенционирано вработување. Дополнително од денот на склучување на договорот за вработување работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход во времетраење на 36 месеци за лицата вработени преку оваа програма согласно членот 98-д од Законот за дополнување на законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (службен весник бр.56 од 07.04.2015година).

Работодавачот има обврска да ги задржи сите учесници во програмата дополнителни 12 месеци по истекот на 36 месеци од периодот на ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход

Потенцијални корисници на оваа мерка се лицата кои ги исполнуваат следниве два услова:

Невработени лица од социјално ранливи категории до 35 години возраст кои претходно немале заснован работен однос или невработени лица до 35 години возраст кои имале претходно заснован работен однос, но пред вработувањето согласно оваа мерка (член 98-д од Законот за дополнување на законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, службен весник бр.56 од 07.04.2015 година) немале заснован работен однос најмалку три месеци

Заинтересираните работодавачи, пријави можат да поднесат во работните клубови на 30-те Центри за вработување во РМ. Огласот ќе биде отворен се до целосно пополнување на предвидениот број на вработувања согласно оваа мерка.

Детални информации можат да се добијат во работните клубови на 30 Центри за вработување во Република Македонија.