Владата на оглас избра нови функционери и амбасадори

Нешто повеќе од три месеци по јунскиот оглас за вработувања на раководни позиции во власта, процесот на именување на функционери е во завршница. Дел од институциите добија нови директори, некои се уште се менаџирани од заменици. Избрани се и нови амбасадори. Владиниот портпрарол Александар Ѓорѓиев за “Фактор“ вели дека процесот на именување на лица на раководни функции е на финиш.

-Во однос на јавните повици за пројавување на интерес за ангажман на раководни функции, селектирањето на кандидатите се одвива тековно, бидејќи се работи за обемен и комплициран процес. За голем дел од раководните позиции кои се содржани во јавните повици постапката за селекција е во завршна фаза, иако има и дел на позиции каде што селектирањето е во средна фаза од процесот, вели портпаролот Ѓорѓиев и додава:

За некои од позициите веќе се избрании или пак именувани лица како што се раководните органи на спортскиот центар Борис Трајковски, Златко Перински, на Агенцијата за лекови, Марија Дарковска-Серафимовска, државниот секретар во Министерството за финансии, Игор Димитров, државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Билјана Цветановска-Гуговска, државен секретар во МНР Елена Кузмановска, државен секретар во Министерство за транспорт и врски Владо Мисајловски, државен секретар во Министерството за економија Анета Димовска, во МОН Елизабета Тодоровска.

Ѓеорѓиев вели дека веќе е направен избор и на неколку нови амбасадори, но имињата не ги соопштува со образложение дека треба да се запази дипломатската практика на доверливост до моментот на добивање на агреманите за нив.Владиниот оглас за вработување беше објавен на 27 јуни. Преку него се бараа лица и за раководни и за нераководни позиции. Како таргетирани сектори и области беа посочени странски инветиции, поддршка на домашната економија, човечки ресурси, протокол и право. Како услови кои беа посочени во огласот се квалитет, способност, но и како што пишуваше “кандидатите да веруваат во себе и да ценат дека можат да придонесат во реализација на реформите и владините политики и проекти“. На самиот почеток од огласот беше оценето дека најголем интерес има за различните раководни и нерководни позиции но и за советници во повеќе области, како дел од Кабинетот на премиерот Груевски, пренесува „Фактор“.

„Бројот на лицата кои ќе се ангажираат на раководни и нераководни позиции не е лимитиран со огласот и ќе зависи од преференциите на апликантите, односно од проценката на нивниот квалитет, способноста која ќе ја демонстираат и образованието, како и вештините кои ќе ги докажат во процесот на селекција“, информираа од Владата.

Новиот советнички тим на премерот Груевски пак треба да биде во функција на проширување на човечкиот потенцијал, а со цел да се реализира владината програмата за периодoт 2014-2019. Според објавениот оглас, се бараа 13 советници. Според информации на “Фактор“ изборот на советниците е во завршна фаза, а не е исклучено дека некои од позициите веќе се пополнети со нови имиња.

На завршница е и изборот на прв човек на Агенцијата за храна и ветеринарство со која сега раководи Дејан Рунтевски.

„Мандатот на актуелниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски, истекува на 1.1.2015 година. Оваа позиција беше содржана во јавните повици за пројавување на интерес за ангажирање на лица на раководни позиции кои беа објавени оваа година, и самиот процес на селекција е во завршна фаза“, информира Ѓорѓиев.

За Рунтевски во јавноста се шпекулираше дека од директорска ќе замине на амбасадорска функција.