Владата на СДСМ спречи ЕЛЕМ да добие своја механизација

Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ го поништи тендерот на ЕЛЕМ за набавка на рударска опрема во износ од 34 милиони евра. Овој тендер беше распишан од претходната Влада, со што ќе се оствареа заштеди и ЕЛЕМ ќе работеше со сопствени средства и опрема, пишува Курир.

Владата на Република Македонија го поништи ваквиот тендер, откако претходно  на владина седница одлучи да му наложи на Надзорниот одбор на ЕЛЕМ да ја поништи одлуката за распишаната јавна набавка за опрема за ископ на јаловина во висина од 34 милиони евра и за тоа да биде известена.

Владата на СДСМ не поддржа обезбедување сопствена механизација на ЕЛЕМ, со што наместо користења механизации од надворешни фирми, за што се трошат големи суми на државни пари, компанијата ќе заштедеше средства.

Со набавката на рударска опрема драстично ќе се намалеа трошоците на работење на компанијата и воедно ќе се креираше поголема додадена вредност на завршниот производ на ЕЛЕМ.

Со набавката на рударска опрема ќе немаше потреба од ангажирање на надворешни кооперанти за ископ на руда, што  значеше поголеми трошоци.

– Очекувам сега трошоците драстично да се намалат, а со тоа вредноста на нашиот производ да биде поголема, изјави поранешниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски во јуни годинава кога беше објавен тендерот, додавајќи е дека се очекува целата постапка за набавка на опрема да биде реализирана за шест до девет месеци и веќе од следната година да може да се користи.

Тој нагласи дека проектот за набавка на рударска механизација е неопходен и е предвиден  во финансискиот план на компанијата од минатата финансиска година за оваа.

-Обезбедени се средствата преку успешната работа, се обративме до Советот за јавни набавки, изготвивме тендерска документација, добивме позитивно мислење за комерцијалниот и техничкиот дел и не гледам никаква пречка да може АД ЕЛЕМ да го распише овој повик додека јас раководам со Управниот одбор, рече Мицкоски.

Набавката на новата рударска опрема за РЕК Битола требаше да придонесе и за намалување на производната цена на електричната енергија, но тоа се оневозможува по поништувањето на тендерот од страна на новата Влада.

Заев вработува мешетари и клептомани во ЕЛЕМ

Не стана директор, ама доаѓа на работа секој ден во ЕЛЕМ. Поранешниот директор на српското електростопанство, Александар Обрадовиќ, секој ден доаѓа во зградата на ЕЛЕМ каде што веќе има и сопствена канцеларија, пишува Курир.

За да биде сместен, исфрлени се досегашните двајца советници на директорот и преместени се во друг простор. Не е познато која е улогата и функцијата на Обрадовиќ, кој го плаќа, од кои пари и по која основа е ангажиран во најголемата државна фирма за домашно производство на струја.

Претходно, кога имаше најава дека Обрадовиќ ќе биде новиот директор на ЕЛЕМ, Владата започна постапка за доделување македонско државјанство на поранешниот директор на српското електростопанство, а тогаш информацијата ја потврди потпреседателот на Владата, Кочо Анѓушев, кој рече дека прашањето било разгледувано на владина седница.

За Обрадовиќ се врзуваат многу афери, што беше причина за острите реакции при спомнување на можноста тој да биде новиот директор на ЕЛЕМ. За него се пишуваше дека како директор на српското електроспанство со милионски евра исплаќал советници, делел државни тендери на фирма во која претходно бил вработен и делел откази на вработени во пиар-службата кога бил спомнат во негативна конотација во српските медиум. Тогашниот премиер Александар Вучиќ го смени, според пишувањето на српските медиуми, поради малверзации во јавното претпријатие и непочитување на владината одлука за штедење.

Опозицијата при спомнувањето на можноста дека Обрадовиќ е во најтесниот круг за избор на директор уште веднаш обвини дека власта преку него сака да испумпа пари од најбогатата компанија во државава во приватни џепови, а подобар за тоа, според нив, нема од ексдиректорот на српското електростопанство.

На платниот список на ЕЛЕМ се најде и уште еден советник на Заев, контроверзниот Зоран Башановиќ, кого македонските граѓани ќе го плаќаат 25.000 евра годишно.

-Со платата на Башановиќ од 25.000 евра може да се исплатат 60 стипендии за најдобрите студенти. Знае ли Заев што би значела паричната помош од по 500 евра за 50 социјално загрозени семејства, доколку одлучи да не го полни со пари српскиот естраден менаџер, туку да им ги додели на нив? Дали српската мешетарска спрега Башановиќ, Обрадовиќ и Заев ќе донесе уште еден бонбона бизнис за СДС во кој мета ќе биде продажбата на ЕЛЕМ. На јавноста Зоран Башановиќ и е познат по своето клептоманство и низата скандали за кој е пишувано по медиумите во регионот. Тој е познат по кражба на ќебиња, потенцирам ќебиња во Флорида во вредност од 5.000 долари за што потоа и бил уапсен, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.