Владата не кажува дали Заев ветил неутралност на Македонија за влез на Косово во УНЕСКО

По информацијата објавена на српската новинска агеција „Танјуг“, дека премиерот Зоран Заев,  на самитот на Берлинската иницијатива, кој се одржа во италијанскиот град Трст, и’ дал ветување на српската премиерка Ана Брнабиќ дека Македонија ќе се воздржи од гласањето за прием на Косово во УНЕСКО, од Владата ниту ја демантираа, ниту ја потврдија веста.

„Тој ми вети дека неговата земја ќе се воздржи од гласањето за прием на Косово во УНЕСКО, а во овој момент мене тоа ми е најважно, лидерите од регионот да се држат до својот збор“, изјавила Брнабиќ.

На прашањето на Нетпрес, до владиниот портпарол Миле Бошњаковски, дали е тоа точно, тој ни одговори: „Го имате нашиот официјален став“.

Владата пред два дена излезе со официјално соопштение дека при одлуката како ќе гласаат за приемот на Косово во УНЕСКО, ќе се водат од позициите на мнозинството земји членки на Европската Унија.
 Република Македонија развива пријателски односи со сите соседни земји. Кога постојат отворени сензитивни прашања помеѓу два наши соседа, Владата на Република Македонија секогаш ги следи интересите на државата базирани врз принципите на добрососедство и унапредување на регионалната соработка, неутралност и немешање во споровите меѓу државите.
Во однос на гласањето за членство на Косово во УНЕСКО, Владата на РМ ќе ги има во предвид позициите на мнозинството земји членки на Европската Унија, посочија од Владата.
Спротивно од ова, Заев во мај годинава, во изјава за српската ТВ Прва, на прашањето за тоа како ќе гласа Македонија за време на следното изјаснување за приемот на Косово во УНЕСКО, кратко одговори „неутрално“.