Владата нема да го повлече законот за јазици

Владата на Република Македонија смета дека Законот за употреба на јазиците е согласно Уставот на Република Македонија и нема намера да го повлече законот за јазици.

Од Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ сметаат дека законот изгласан е во демократска, парламентарна процедура и е во интерес на сите граѓани и во рамки на концептот едно општество еднакво за сите, соопшти владината прес-служба како реакција на ставот на ВМРО-ДПМНЕ да се повлече Законот.

„ВМРО–ДПМНЕ имаше можност да учествува во процесот на носење на овој закон во Собранието на Република Македонија, но одби да го направи тоа со што демонстрираше политичка неодговорност. Имајќи предвид дека претседателот Иванов не го потпиша указот за прогласување на законот за употреба на јазиците, истиот повторно ќе се најде во Собраниска процедура, при што ВМРО–ДПМНЕ ќе има можност активно да интервенира преку амандмандска расправа“, стои во реакцијата.

Претходно изминатиот викенд францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, изјави дека има простор за подобрување на текстот на Законот за употреба на јазиците, бидејќи, како што вели, се работи за многу комплициран текст.

„Има простор за подобрување на содржината на Законот за употреба на јазиците и не сум единствениот кој смета дека се работи за комплициран текст кој не е лесно да се разбере“, вели францускиот амбасадор“, Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Францускиот амбасадор не верува дека спроведувањето на законот би можело да биде причина за меѓуетнички раздор и оти, како што вели, по реакциите од албанската заедница и другите заедници забележал дека и покрај критиките, волјата да се живее заедно и да се напредува кон ЕУ се многу понапред од овој закон.

„Од друга страна, она што ме интересира повеќе за овој текст е дали се разговараше за амандманите, дали правната рамка одговара на уставната, дали, на пример, целта на текстот, но и финансиските последици беа претставени пред јавноста? Сето тоа за нас се интересни прашања кои треба да покажат дали македонскиот систем функционира како нормален систем. За мене ова е своевиден тест. Од друга страна, да бидам целосно искрен, ќе ви кажам дека постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно, затоа што станува за разговори, ова е процес којшто сѐ уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам“, изјави амбасадорот Тимоние.