Колумни

Владата нема пишан документ, план за економски раст!

Владата нема пишан документ, план за економски раст!

Почитувани, анализирајќи ги изјавите на анти-економскиот тим на Заев и слушајќи ги предлог мерките што беа нафрлани претходните неколку дена и многуте конфузни проекти, всушност заклучив дека владата нема никаков план за економски раст.

Станува збор за еден помпезен медиумски балон, зад кој всушност нема никаков пишан документ или анализа. Владината медиумска најава за некое помпезно соломонско решение за сите економски проблеми во Македонија НЕ ПОСТОИ! Нема пишан документ во форма на план! Ниту документ или информација која поминала на влада, а претходно била усогласена со сите државни институции како и со комори, синдикати и други засегнати страни.

Се што видовме се неколку идеи напишани на кафеанска салфета, подоцна спакувани во една презентација на неколку слајда. Овој план, кој се само идеи, ќе ги презентирале и да видат какви критики би дале сите инволвирани страни. Не можам да поверувам, Владата, Министерствата со сиот свој капацитет и луѓе кои се вработени и еден куп нови шарени донесени сега, не можеше да склопи документ, кој ќе го објави во јавноста за да го видат граѓаните. Ова е несериозен пристап, ова е потценувачки за Македонија, за граѓаните, за бизнис заедницата за странските инвеститори.

Парадоксот да биде уште поголем идеите на салфета не се ни разработени, ниту пак некој има концепт како тие би функционирале! Никој не анализирал или го проверил правниот аспект како и обврските што ги имаме како држава со меѓународните договори, а посебно со ЦЕФТА, ЕФТА, ЕУ како и СТО. Се нафрлаат нови концепти за странските и домашните инвеститори без претходно некој од министрите задолжени за странски инвестиции да ги прочита законите за државна помош или законот за ТИРЗ. Ова е најголемата медиумска патка во поновата Македонска историја.

Само да спомнам неколку концепти. Се предлага да се доделува државна помош на странските инвеститори откога ќе се заврши проектот, дали некој видел во законот дека тоа претходната влада го практикува од првиот ден и дека помошта што следува се доделува минимум една година после отворање на фабриката и тоа на рати од 5 до 10 години. Ќе ги поврзеле странските инвеститори со домашните, претходната влада има проект преку Светска банка токму за оваа поврзување и плус се одвоени средства и кредити за да се спремат домашните компании. Ќе ги условиле странските компании да имаат минимум 10 отсто удел од домашни добавувачи во производите, ако се земат платите како и електричната енергија тогаш од старт додадената вредност од МК е поголема. Ќе ги поврзале инвеститорите со Универзитетите – оваа пракса ја имаат сите поголеми инвеститори дури има и посебен курикулум за поединечни струки каде се гарантира вработување одма после студиите. Право на помош за плата би добиле само доколку новите вработени се во списокот на невработени лица во Агенција за вработување, според правилникот во Агенција за вработување и досега се даваше средства за креирање нови работни места само доколку лицата се водат како невработени неколку месеци. Новата влада ќе доделувала иста помош на фирмите надвор од ТИРЗ, единствена разлика е што фирмите во ТИРЗ ниту плаќаат ниту побаруваат ДДВ ова е пракса за 100% извозни компании во повеќе држави во ЕУ. Доколку се дозволи фирмите надвор од ТИРЗ да НЕ плаќаат ДДВ, а продаваат на македонски пазар, тогаш целиот процес губи смисла, но и ќе се створи нелојална конкуренција на пазарот. Денешното презентирање на мерките пред меѓународниот фактор како и странските инвеститори само ги потврди моите коментари во изминатите неколку дена.

Инвеститорите се загрижени заради НЕзнаењето на новата влада во креирањето на било какви економски мерки. Инвеститорите се шокирани на непријателскиот однос од страна на новата влада. Инвеститорите се збунети како може да излезе Влада со неколку слајда презентација, каде нема ни збор како би се имплементирале овие нови мерки, ниту пак концептот е разработен, а уште помалку буџетиран и овде не зборувам буџетиран таксaтивно, туку колку се фискалните импликации вистински и колку ќе ги чини домашните и странски инвеститори. Никој досега не кажа ни како ќе се делат средствата за поголема плата, дали ќе биде 22.000 денари, или 28.000, и кој ќе го спроведе ова и како ќе се контролира.

Почитувани, Владата покажа максимална несериозност во изминатите 110 дена, покажа колку е неспособна, а уште повеќе колку немаат идеа што да направат.