Владата обезбеди нови странски консултанти за домашните компании

Владата обезбеди нови странски консултанти за домашните компании
Владата обезбеди нови странски консултанти за домашните компании

Од крајот на септември се очекува да започнат првите мисии на странски консултанти во домашните компании.

Во насока на подобрување на бизнис климата и зајакнување на конкурентноста на домашните компании преку ангажирање на странските експерти за подобрување на организациските, производствените, аналитичките и маркетиншките процеси на македонските компании, Владата на Република Македонија, на почетокот на 2014 година започна со активности за практична реализација на програмскиот Проект „Странски експерти за домашни компании“.

На вториот јавен повик кој во рамки на овој проект беше распишан за компаниите, аплицирале 64 домашни компании, со вкупно 70 апликации за изразување интерес за ангажирање на странски експерт, од кои 46 апликации се од мали компании кои имаат од 5 до 49 вработени и 24 апликации кои се поднесени од средни компании кои имаат од 50 до 250 вреботени лица.

По добивањето на апликациите, специјализирани тимови од Владата извршија посета на сите компании апликанти, при што комплетно беа воведени во самиот процес на ангажманот на странски експерти и заедно со нив се започна процесот на обликување на потребниот профил на експертот којшто треба да дојде во нивните компании. Сега сме во фаза на интензивна комуникација со нашите партнери од Германија, Холандија, Швајцарија и ЕБОР, за утврдување на конкретен човек којшто е експерт и којшто партиципира во овие организации и би дошол во Република Македонија, би помогнал во работата на компаниите, апропо потребата којашто ја изразиле самите овие компании, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Тој нагласува дека работите одат добро, очекувањата се дека кон крајот на месец септември ќе има и реализација и првите странски експерти ќе дојдат во Република Македонија

Ќе престојуваат во компаниите и потоа редоследно со соодветна динамика, којашто ќе ја утврдуваме со самите компании, ќе продолжи овој процес, што цениме дека ќе придонесе за подобрување на перформансите на компаниите, смета Ѓорѓиев.

Генерално интерес за ангажирање на странски консултанти покажале компании од најразлични области, при што најголем е бројот на компаниите кои се занимаваат со производи за секојдневна потрошувачка (33 %), потоа од компаниите од секторот услуги (27 %), како и од компании од областите индустриско производство (24%), технологијата (10%), производството на базични материјали и од областа на здравството (по 3%).

Од пристигнатите апликации, домашните компании најголем интерес покажале за ангажирање на странски експерти во областа на производството и технологијата (32 апликации), областа на маркетингот и продажбата (23 апликации) и областа на менаџмент во работата (9 апликации)

Покрај потребата за странски консултанти за овие три области, македонските компании пројавија интерес за странска помош и во сегментите на нивното работење поврзани со анализа на работењето, деловната политика и човечките ресурси (по 2 апликации).

Радува фактот што интерес за оваа поддршка покажаа компании од речиси сите региони и градови во државата. Најголем интерес за искористување на овој вид владина поддршка за домашните компании, покрај компаниите од Скопје (33апликации), покажаа и компаниите од Струмица (со 8 апликации), Охрид (6 апликации), Струга (4), Велес, Кавадарци и Прилеп (по 3 апликации), но и од останатите општини од сите региони во државата. (Кочани, Битола, Гевгелија, Неготино, Ресен, Свети Николе, Тетово и Штип).

По завршување на процесот на посета на компаниите кои се заинтересирани за искористување на овој вид владина поддршка, веќе е започнат процесот на аплицирање до странските експертски организации во зависност од предметот на експертиза кој странските експертски организации го покриваат. Предност при аплицирањето имаат оние компании кај кои постои итна потреба од ангажирање на експерт, каде потенцијалот за раст на компанијата и очекуваниот број на ново отворени работни места е исто голем и каде од страна на менаџментот на компанијата е покажана потреба за итна странска експертска помош.

Врз основа на бројот на мисии за кои постои договор за соработка со странските организации, очекувањата се дека ќе има можност да се озбезбедат мисии за сите апликации пристигнати од страна на домашните компании.