Владата предложи нов претседател на регулаторната комисија

Владата ги предложи Марко Бислимовски за претседател, а Наташа Вељановска, Атанаско Тунески и Куштрим Рамадани за членови на Регулаторната комисија за енергетика. Со донесување на новиот Закон за енергетика му престана мандатот Димитар Петров, досегашниот претседател на ова регулаторно тело.

Ова е избор на специјалната комисија за кадровски именувања на чело со министерот Оливер Спасовски, која направила селекцијата меѓу 13 пријавени кандидати на јавниот оглас објавен од 8 до 16 овој месец. Бислимовски доаѓа од редовите на комисијата каде работи како советник. Предлозите ги утврди владината Комисија за именување каде освен Спасовски, членови се вицепремиерите Кочо Анѓушев и Хазби Лика, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Се очекува новиот претседател и членови на РКЕ да стапат на функција до крајот на јули.

За да си замине Петров од функцијата која ја врши веќе два мандати, придонесе и новиот закон за енергетика во кој стои дека мандатот на актуелниот претседател трае до избор на нов.

Надлежностите и независнота на РКЕ како и работата на нејзиниот претседател беше најжестоката тема на расправа при носење на законот за енергетика. Опозицијата тогаш обвини дека владата ја нарушува независноста на ова тело, а власта тврдеше дека наместо професионалци со комисијата раководат партиски кадри.

Согласно законот за енергетика, од септемрви почнува постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија а од март следната година граѓаните ќе можат да одлучат кој ќе ги снабдува со струја.