Владата со финансиска поддршка за бизниси и вработувања на лица со инвалидитет

Објавен оглас за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик
Објавен оглас за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик

Владата, преку Агенцијата за вработување има оглас кој е во тек, кој обезбедува значајна поддршка за отворање на бизнис од страна на лица со инвалидитет и за вработување на кадри.

Во рамки на овој глас, Владата обезбедува финансиска подршка со неповратни средства(грантови) кои може да достигнат и над 15.000 евра, средства кои може да ги искористат лицата за отворање и развој на својот бизнис.

На огласот може да аплицираат сите евидентирани невработени инвалидни лица кои своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка преку Програмата за самовработување на лица со инвалидитет.

-Се работи за добро осмислен и извонредно поволен пакет за отворање на бизниси за вработување на лицата со инвалидитет. Во вкупен обем тие се стекнуваат со правото да добијат околу 15.000 евра кои ќе бидат искористени за креирање на бизнисот, за вработување на две дополнителни лица во истиот тој бизнис и за добивање на помош од посебниот фонд на Агенцијата, што претставуваат средства коишто може да придонесат за квалитетно остварување и развивање на самиот бизнис. Ќе продолжиме со поддршка на оваа категорија на граѓани со цел поголема нивна вработеност, но ќе продолжиме и со другите мерки и активности за зголемување на вработеноста во Република Македонија, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Тие треба да се пријават во работните клубови на центрите за вработување на АВРМ каде редовно се евидентираат како невработени лица. Финансиската поддршка опфаќа обезбедување на:

-експертска поддршка во форма на обука за претприемништвото и водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите;

– финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и /или репроматеријали во висина од 310.000,00 денари;

-финансиска поддршка за дополнително вработување на најмногу 2 (две) лица во вид на опрема и /или материјали во вкупен износ од 494.000,00 денари од кои 310.000,00 денари се за реализиација на самовработувањето и отварање на бизнисот и 184.000,00 денари за дополнителни 2 (две) вработувања, односно 92.000,00 денари по лице, за кандидати кои ќе презентираат одржлив бизнис план кој јасно укажува на потреба од вработување на уште 1 (едно), најмногу 2 (две) лица, за успешно функционирање на бизнисот, но и преку економски и финансиски параметри ја потврдува одржливоста на дополнителното вработување;

Или едноставно кажано, доколку лица со инвалидитет кои ги исполнува условите аплицира за креирање на бизнис и самовработување,  ја поминат обуката на АВРМ, како носители на бизнисот ќе добијат 310.000 денари неповратни средства за набавка на опрема и/или репроматеријали.

Доколку основачот на бизнисот реши да вработи уште едно лице во својот отворен бизнис(лице кое не мора да биде лице со инвалидитет),покрај добиените 310 000 денари, ќе добие уште 92 000 денари неповратни средства за набавка на опрема и материјал. А доколку реши да вработи и второ лице, тогаш ќе добие дополнителни средства во висина од уште 92000 денари. Или севкупно, со овој пакет за основање на бизнисот и за вработување на две лица, може да се добијат 494000 денари(310 + 92 + 92)

Сите лица кои ќе работат во отворениот бизнис може да ги користат придобивките од проектот Македонија вработува, што претставува дополнително олеснување.

Но помошта од државата не завршува тука. Воедно, по истекот 9 (девет) месеци од отворањето и функционирањето на бизнисот, за кој фирмата која е отворена од страна на лицето со инвалидитет има исплатено плати и придонеси, може да се поднесе барање до Управниот одбор на АВРМ преку центрите за вработување за користење на неповратни средства од Посебниот фонд согласно Законот за вработување на лица со инвалидност. Доколку лицето кое го има основано бизнисот има инвалидитет од помал обем може да добие 20 просечни плати неповратни средства или околу 420 000 денари нови средства. Доколку лицето кое е носител на бизнисот е со поголем степен на инвалидидет(лице во количка или лице со оштетен вид над 90%) тогаш може да добие 40 просечни плати или 840 000 денари.

Ова значи дека со целокупниот пакет, односно со отворањето на бизнисот, вработувањето на лицата и функционирањето на бизнисот во период над 9 месеци, може да се добијат 15 000 евра или повеќе( 310 000 денари + 92 000 + 92 000 + 420 000 = 914 000 денари = 15 000 евра)

Основачот на правниот субјект кој ќе има дополнителни вработувања има обврска да ги задржи дополнително вработените лица во работен однос најмалку уште 12 (дванаесет) месеци. Доколку заинтересираното лице со инвалидност не е евидентирано како невработено инвалидно лице, има можност тоа да го направи во соодветниот центар за вработување најмалку еден ден пред пријавувањето во Програмата за самовработување на лица со инвалидност.

Процедурата за апликација е едноставна а АВРМ обезбедува логистичко водство низ целиот процес. Процедурата започнува со поднесување на барање до подрачните центри на АВРМ и копија од лична карта. По ова следува обука од страна на АВРМ; и пополнување на прашалник од страна на лицата кои аплицирале. Пополнетиот прашалник, во кој се истакнуваат основите на идејата за бизнис се бодираат и оние кои се најдобро бодирани продолжуваат со обука од 5 дена по која се изготвуваат бизнис плановите и се завршуваат останатите процедури, по што по одлука на АВРМ се склучуваат договори и се исплатуваат првичните  средства