Македонија

Владата со повик за ангажирање лица во Кабинетот на Премиерот

Владата со повик за ангажирање лица во Кабинетот на Премиерот

Владата на Република Македонија објави оглас за пројавување интерес за кандидати за ангажирање во Кабинетот на Премиерот, кои што би работеле на следење и анализа на реализација на владината програма и поддршка на институциите во спроведувањето на проектите.

– На овој начин се дава уште еден акцент на значењето на реализација на проекти врз основа на програма, политичко дејствување врз основа на конкретни проекти, со конкретни рокови, буџети и носители на реализација на истите. Добар дел од проектите имаат повеќересорски пристап и од значење за нивната уште поголема динамика би била поддршка во координирањето и соработката, а се разбира ова е и можност самите институции да добиваат и поддршка за реализација на проектите во смисла на размена на мислења, препораки и идеи за надминување на предизвиците при реализацијата, вели за МИА владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Потенцијалните кандидати може да конкурираат за позициите на одговорни лица за следење и анализа на реализација на проектите каде што ќе бидат ангажирани повеќе лица чиј што точен број ќе се утврди врз основа на квалитетот и компетенциите на пријавените кандидати, како и за позицијата административен асистент каде што ќе биде ангажирано едно лице.

Дел од работните задачи на одговорните лица за следење и анализа на реализација на проекти ќе бидат и следење на степенот за реализација на програмата, квантитативна и квалитативна анализа на степенот на реализација, давање предлози и препораки за динамизирање на реализацијата, како и соработка, поддршка и препораки на институциите за надминување на препреките при имплементација на проектите.

Заинтересираните кандидати треба да се државјани на Република Македонија, да имаат завршено високо образование од областа на економските, правните, техничките, природните науки или завршени академски студии со најмалку 240 ЕКТС, односно најмалку ВИ Б ниво согласно со Националната рамка на високообразовните квалификации, да имаат одлични компјутерски вештини и одлично познавање на англискиот јазик, кaко и да имаат минимум три години работно искуство од областа на управување со проекти.

– Знаењето и вештините на кандидатите ќе бидат основни параметри за изборот. Би истакнале дека е потребен профил на кадар од типот на проект менаџер, односно лица кои имале искуство со работа на проекти, кои имаат познавање на менаџментот и принципите на менаџментот, ја познаваат владината програма и имаат пошироки познавања за ресорите со што би се обезбедил посеопфатен пристап во реализацијата на проектите, вели Ѓорѓиев.

Потенцијалните кандидати може да аплицираат заклучно со 21 јануари 2015, единствено со пополнување на електронската апликација, која може да се најде на веб страницата на Владата на Република Македонија. Сите пријавени кандидати, како што е наведено во огласот, имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности.

– Сите кандидати кои ги исполнуваат условите ќе бидат селектирани врз основа на нивните апликации, но и врз основа на извршени интервјуа со нив, нема определено точен број на лица кои евентуално би биле ангажирани бидејќи тоа зависи од компетенциите и квалитетот на кандидатите и од самиот процес на селекција, вели  владиниот портпарол.

Од Владата истакнуваат дека ваквиот оглас за пројавување на интерес не е законска обврска на Владата на Република Македонија, но со цел да се даде шанса на што поголем број способни луѓе, Владата се одлучила на ваков чекор.

Фото: МИА