Владата до СДСМ: Престанете да го навредувате народот

Социјалдемократскиот сојуз не само што ја обвини Владата користејќи неточни тези, ги навреди и медиумите, но и македонските граѓани, сметаат во Владата.

Оттаму реагираа на денешната прес конференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов околу финансиските трансфери од Владата кон две телевизии, Канал 5 и Алфа Тв.

Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев остро реагираше на обвинувањата од СДСМ  истакнувајќи дека опозицијата мора да разбере дека граѓаните се самосвесни и интелегентни и тие не можат да бидат манипулирани.

Во врска со информативните активности кои Владата ги пренесува преку медиумите, а се со цел граѓаните навремено и точно да бидат информирани, Ѓорѓиев вели дека истите се во согласност со законот, реализирани преку независни професионални агенции, а доставени кон сите национални куќи.

„Владата секогаш ќе ги осудува обидите на СДСМ за навреда на граѓаните на Република Македонија. Тие денес обвинија дека Владата манипулира или, како што велат, им го пере мозокот на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија не можат да бидат манипулирани. Тие се интелигентни и самосвесни“, истакна Ѓорѓиев.

Владата ја повикува опозицијата да престане со комуникација на ниско ниво, а најмногу да престане да го навредува народот.

„Ве повикуваме да имаме борба на идеи. Ако решат да продолжат да комуницираат покажувајќи очај, гнев и фрустрација, ние сепак ќе продолжиме со дела и проекти за добро на сите граѓани“, вели Ѓорѓиев.