Владата субвенционира по 2 денари за килограм откупени сливи

Владата на денешната седница донесе одлука за воведување на нова мерка за стабилизирање и решавање на проблемот со откупот на сливи, сите правни лица откупувачи на сливи регистрирани за преработка на земјоделски производи и правни лица регистрирани за вршење на трговија со земјоделски производи, кои извршиле откуп на сливи од реколтата 2018 година од домашно производство, ќе добијат субвенција од 2 денари по килограм за откупени сливи. Одлука стапува на сила со објавување во Службен весник.

Субвенцијата ќе важи за количините на сливи кои ќе се откупат до 15 септември 2018 година, по откупна цена не пониска од 5 денари за килограм индустриски сливи. Исто така, новата субвенција ќе ја добијат и оние откупувачи кои ќе откупат свежи сливи, со кои што на еден од состаноците што ги одржа тимот од МЗШВ, е договорено откупната цена за оваа слива да не биде пониска од 8 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Николовски посочи дека новата мерка е донесена заеднички со производителите, преработувачите и откупувачите на сливи, на работните состаноци што тимот од МЗШВ изминативе денови ги одржа со сите засегнати страни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.