Владата во понеделник ќе го разгледува предлогот за името од Нимиц

Новите идеи за решавање на спорот со името што медијаторот Метју Нимиц ги претстави на разговорите во Њујорк не може да се коментираат јавно пред темелна анализа и изграден став на државниот врв.

Ваква реакција беше испратена од МНР вo четвртокот, откако преговарачот од македонска страна Васко Наумовски го оцени предлогот на Нимиц како недостоинствен.

„Согласно узансите на дипломатијата, идеите на медијаторот не се коментираат јавно пред темелна анализа и изграден став на државниот врв“, посочија од МНР.

Според МНР, учеството во процесот за надминување на разликата со името меѓу Македонија и Грција бара висок степен на професионалност и одговорност. Градењето мостови и отворањето врати кон европската и евроатлантската иднина на земјата бара трпение и посветеност.

Македонскиот претставник Наумовски по последната рунда разговори во Њујорк изјави дека предлозите изнесени од медијаторот Метју Нимиц се далеку од достоинствено решение. Тој, меѓу другото, рече дека од медијаторот биле презентирани некои идеи за кои смета дека излегуваат од рамката дадена во Резолуцијата 817 на Советот за безбедност.

За ДУИ ваквата изјава е избрзана, за ВМРО-ДПМНЕ е изјава која треба да се сфати сериозно, додека во СДСМ, пак, сметаат дека предлогот треба да се разгледа, па дури тогаш да се даваат констатации.

Вицепремиерот Бујар Османи искажувајќи посветеност и одлучност на Владата за решавање на спорот за името, во четвртокот не сакаше да дава коментари за последниот предлог од посредникот Метју Нимиц, најавувајќи дека предлогот ќе се најде пред владата в понеделник, по што ќе биде изграден став.

„Добро е што има предлог и се интензивира целиот процес и што има меѓусебни директни контакти помеѓу владите на различни нивоа. Тоа е единствен предуслов да стигнеме до ситуација да изнајдеме решение“, рече Османи.

Коментар за новиот пакет не даде ни самиот медијаторч, чиј единстве коментар беше дека идеи како целина се нови затоа што има нова комбинација на идеи, изразувајќи оптимизам дека е можно решение.

„На ова гледам како на добар сет на идеи со пакет на компромис со кој двете страни би требало да се чувствуваат комфорно со заеднички прифатливо решение“, истакна медијаторот Нимиц.

За разлика од нив со свој став за новиот предлог за решение се огласи македонскиот преговарач во процесот, амбасадорот во САД, Васко Наумовски, кој веднаш по средбата со Нимиц синоќа изјави дека предлогот не е достоинствен. Наумовски го коментираше предлогот велејќи дека името на нашата држава е Република Македонија, што е и во основата на нашиот идентитет – македонсиот народ и јазик, и оти некои од идеите кои биле презентирани од Нимиц излегуваат таа рамка и се далеку од достоинствено решение.

„Учеството во процесот за надминување на разликата околу името меѓу Република Македонија и Грција бара висок сртепен на професионалност и одговорност. Градењето мостови и отворање на врати кон европската и евроатланската иднина на земјата бара трепение и посветеност. Согласно дипломатските правила, идеите на медијаторот не се коментираат јавно пред темелна анализа и изграден став на државниот врв. До овој момент, во МНР на Македонија се уште немаме добиено целосен извештај од вчерашната средба во Њујорк“, се наведува во писмената рекација од МНР.

Наумовски како амбасадор и специјален преговарач за името од страна Македонија, според Уставот, на предлог на Владата го именува претседателот на државата и одтаму, ингеренцијата за неговото отповикување е во рацете на претседателот Иванов.

За вчерашната рунда разговори во Њујорк од Владата беше испратено соопштение дека во ОН се создаваат услови за придвижување на процесот, а оти исходот ќе зависи од подготвеноста за компромис на двете страни.

Од грчката влада по новата рунда преговори беше испратена порака дека таа сака решение во кое сите ќе бидат победници. Според портпаролот на грчќката влада, Димитрис Ѕанакопулос, владата во Атина ќе направи се што може да се реши прашањето со името без да ги стави во опасност националните интереси.

Инаку Нимиц откако им ги презентираше новите предлози на двете страни посреднои најави дека следната рунда преговори може да се одвива на повисоко ниво, на ниво на делегации предводени од министрите за надворшени работи.

Нимиц најави посета на Скопје и Атина во наредните неколку недели.

„Да видам како размислуваат луѓето и дали може да се придвижиме напред. Но тоа зависи од министрите на двете земји“, изјави Нимиц.