Владата воведува дежурства во државните институции поради врнежите

По повод обилните врнежи од дожд кои денес зафатија определени региони во земјата, и согласно проценките на Управата за хидрометеоролошки работи дека се очекува нестабилно време проследено со дожд и во текот на следните денови, Владата на Република Македонија ги задолжи сите органи на државната управа (министерства, органите во состав на министерствата, јавни претпријатија, агенции, фондови, бироа, заводи, управи, акционерски друштва во државна сопственост итн), и им препорача на сите останати државни институции каде што нема 24 часовно присуство на вработени лица од институцијата, во наредните 48 часа да определат по најмалку едно лице вработено во институцијата кое ќе биде присутно во институцијата и ќе ја следи состојбата во овој период, со цел по потреба да алармира за состојбата во истата заради евентуалното влијание на дождовите.

Владата на Република Македонија беше информирана од страна на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи дека нивните екипи се во постојана мобилност и се подготвени да интервенираат, и дека веќе екипи од двете институции вршат теренски работи и преземаат соодветни мерки за справување со последиците од обилните дождови и превенција од настанување на дополнителни негативни влијанија предизвикани од дождовите.

Владата на Република Македонија им препорачува на сите единици на локалната самоуправа да ги задолжат сопствените општински јавни комунални претпријатија и противпожарните единици да организираат екипи за дежурство во наредните 72 часа во функција на нивна подготвеност за интервенции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.