Владата започна преговори со средношколскиот пленум

Министерството за образование и наука денеска одржа средба со претставници на средношколскиот пленум.

На средбата, која се уште е во тек, претставници на Владата ги слушаат барањата на средношколците, кои бараат одредени измени во законот.

Како што информираше вицепремиерот Владимир Пешевски, кој присуствуваше на средбата, Владата детално ќе ги разгледа барањата на средношколците, но пленумот го нарече нелегитимен претставник на учениците во Македонија.

Вицепремиерот апелираше до родителите на средношколците и тие да влијаат врз своите деца и да ги вратат во образовниот процес, бидејќи станува збор за малолетници и сето ова е само на нивна штета.

Оваа средба, иако со нелегитимни претставници на средношколците, беше свикана поради грижа за нивната безбедност, бидејќи од денес  тие одлучија да кампуваат во паркот спроти Министерството за образование и наука.

Министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми апелираше дека местото на учениците е во училишните клупи и дека целиот овој процес е на нивна штета.

Инаку, Владата на Република Македонија преку МОН веќе водеше преговори со легитимниот претставник на средношколците, односно Унијата на средношколци на Република Македонија и го исполни нивното барање математиката да не биде задолжителен, туку алтернативен предмет при полагањето на државна матура.