Владејачката коалиција ги претстави кандидатите за пратеници

Кампањата за парламентарните избори од денеска до петок (11 април) ќе се совпаѓа со вториот дел од изборната кампања на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов за втор претседателски мандат.

На вечерашниот митинг беа претставени носителите на листите за пратеници: лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во ИЕ 1, Гордана Јанкулоска во ИЕ 2, Никола Тодоров во ИЕ 3, Зоран Ставрески во ИЕ 4, Антонио Молошоски во ИЕ 5 и Никола Попоски во ИЕ 6. Во изборните единици надвор од територијата на РМ кандидати се: Ристо Манчев во ИЕ 7 (Европа и Африка), Павле Саздов во ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка) и Васко Наумовски во ИЕ 9 (Австралија и Азија).

– Сте виделе се и сешто низ годините и затоа знаете кој е кој. Македонскиот народ знае, памети и не заборава. Нас не знаете кои сме и со каква посветеност работиме, каде се отидовме за да донесеме работа и да отвориме фабрики, да воведеме нови идеи, проекти и дела за Македонија. Ние знаеме како да влечеме напред и чесно ви кажуваме ќе продолжиме со уште поголема посветеност, рече Никола Поповски, кој нагласи и дека нема да се прифати промена на Уставот заради промена на уставното име.

Антонио Милошоски рече дека и чест и обврска е да се биде носител на листа и го поздрави Љубиша Георгиевски, кој во 2006. беше на чело на ИЕ5 на, како што рече, првиот изборен поход на ВМРО-ДПМНЕ. Посочи на два важни настана во периодот кога беше шеф на дипломатијата, кои биле резултат на сложната политика на Владата и на Претседателот на РМ – визната либерализација и добиената тужба против Грција во Хаг, покрената поради блокадата на Самитот на НАТО во 2008 година. Затоа повика повторно да се гласа за политика на слога – за Груевски и Иванов.

– Задоволен сум што кандидатите за пратеници од Петтата изборна единица се чесни, достоинствени и сериозни луѓе кои ќе ја оправдаат довербата на нашите гласачи. Нашиот тим се проверени луѓе, со дела и искуство, кои имаат што да кажат, рече Милошоски и додаде дека најавените 64.000 работни места ќе бидат и за општините во ИЕ5.

Зоран Ставрески, носителот на листата во Четвртата изборна единица, рече дека не е исто да се верува на слепо и на гол збор од некој кој ветува без дела, наспроти тимот на Груевски кој, рече тој, и во криза покажа како се гради државата. Потсети на околу 120.000 нови работни места, две милијарди евра странски инвестиции и во најголемата криза, инвестициите со илјадници вработени, како Дрекселмајер во Кавадарци, Коромберг и Шуберт во Битола, Џонсон контролс во Штип, Гришко во Демир Хисар, Џонсон Мети, Технохозе…

– Ја бараме вашата доверба заради сработеното во минатото. Видовте како работиме ние, програма за секој граѓанин во РМ, датум кога ќе се реализира и отчет што е направено. Таква е и новата програма, најдобра и најквалитетна… Наследивме горлив проблем од СДСМ со невработеноста. Го имате нашиот збор. Со нашата програма ќе се отворат нови 64.000 работни места, рече Ставрески.

Никола Тодоров, носител на листата во ИЕ 3, се осврна на реформите во ресорот што го води – здравството, како и во образованието и земјоделството. – Народот знае да направи разлика меѓу затворените фабрики и новоотворените фабрики. Граѓаните знаат да препознаат кога е даден збор со цел да се исполни, а кога не, да направат разлика меѓу лажна искреност и чесно изговорена вистина, рече Тодоров.

– Има разлика меѓу ароганцијата на СДСМ, која не ги напушта ни по осум години во опозиција, и искреноста и отчетноста на ВМРО-ДПМНЕ поради кои седум пати ја добиваме вашата доверба. Ќе направи разлика меѓу криминалот од времето на СДСМ кога цели региони беа недостапни за институциите. Сега правната джава функционира на секоја педа од Македонија и никој не е над законот. Имаме полиција која е гордост на државата, рече Јанкилоска, носител на листата во Втората изборна единица, ветувајќи дека ќе продолжи борбата со корупцијата и криминалот за безбедна и перспективна Македонија.

Митингот од центарот на Скопје почна со обраќање на Јохан Тарчуловски, кој ги кажа причините зошто ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ за која рече дека е негова матична партија со која созревал.

– Ја давам мојата поддршка зашто овие луѓе се грижат за националните и државните интереси, го исполнуваат дадениот збор, макотрпно работат и никого не оставаат на цедило. Јас тоа можам да го потврдам. Кога многумина бегаа од мене и ме заборавија, овие луѓе и премиерот беа до мене и се бореа за мене. Тоа покажува голема вредност, вредна за почит. Тие се силата на Македонија, затоа ги повикувам сите македонски граѓани, патриоти, бранители, да ја поддржат оваа опција, рече Тарчуловски.

За поддршка на најавените 2.046 проекти во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ повикаа и претседателите на партиите-партнери во коалицијата „За подобра Македонија”: Живко Јанкуловски, Кенан Хасипи, Амди Бајрам, Иван Стоиљковиќ, Лилјана Поповска, Павле Трајанов и Љубисав Иванов-Ѕинго.