Владејачката коалиција победи на локалните избори во Подгорица

Коалицијата „За добро на граѓаните на Подгорица“ на Мило Ѓукановиќ, оствари убедлива победа на локалните избори во Подгорица, со освоени 47,9 отсто, покажуваат податоците на Џентарот за демократска транзиција, по 100 отсто обработени податоци.

Коалицијата, чиј носител на листа е Иван Вуковиќ освои 32 мандата во градскиот парламент, јави РТЦГ. Коалицијата Подгорица за 21 век, во која се демократите и УРА, освои 25,5 отсто гласови, односно 17 мандати додека коалицијата Демократски фронт –СНП, освои 12,2 отсто, односно осум мандати. На Социјалдемократите им припаднаа три мандати, а на Албанска алтернатива со освоени 1,6 отсто гласови – едно одборничко место во собранието на Подгорица.

Лидерот на Демократска Црна Гора Алекса Бечиќ оцени дека локалните избори во Црна Гора повеќе потсетувале на Сомалија или Камбоџа отколку на земја кандидат за Европската унија.

„Денешниот изборен ден мина во антидемократски амбиент“, оцени синоќа Бечиќ. Оцени дека локалните избори беа одбележани и од голем број апстиненти.

„Причина за помалата излезност веројатно е замореноста на бирачкото тело од постојаните изборни процеси, поради што и побарав спојување на претседателските и локалните избори“, рече Бечиќ.

Локалните избори беа одржани вчера во Подгорица и во уште 10 општини во Црна Гора. На изборите право на глас имаа 306.722 лица, што претставува речиси 60 проценти од вкупниот број избирачи во Црна Гора.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.