„Владимирски Илинденски средби“ во село Владимирово, беровско

Во село Владимирово, беровско од утре 31ви јули, заклучно со 2 – ри Август ќе се одржи тридневна манифестација под името „Владимирски Илинденски средби“.

Организаторот на манифестацијата  – Здружение Владимирски Илинденски средби, најавува богата културно-уметничка и забавна програма.

Богата програма на манифестацијата „Владимирски Илинденски средби“

Главно место за одвивање на програмските активности е местото викано Мегдан во центарот на селото, каде во вечерните часови на сцена ќе настапат играорни друштва, дувачки оркестри и вокално инструментални состави.

Специјални гости на манифестацијата „Владимирски Илинденски средби“, се Сузана Спасовска, Виданка Георгиева, Горан Алачки и Панче Алачки. Посебна атракција ќе биде настапот на странски гости – ученици на Горан Алачки кои ќе исполнуваат малешевски фолклорни песни на традиционални инструменти. Во тек на вториот ден се одржува Илинденски турнир во мал фудбал.

Оваа година, во рамки на манифестацијата „Владимирски Илинденски средби“, ќе се отвори и постојана изложба под името „Културно историска одаја – Огледало на владимирската гордост“, каде посетителите ќе имаат можност да видат документи, предмети, книги и фотографии кои говорат за историјата и потенцијалите на село Владимирово кое го носи епитетот – СЕЛО НА УЧЕНИ ЛУЃЕ.

Централен настан – одбележувањето на Илинден

Централниот настан е одбележувањето на празникот Илинден, кое традиционално години наназад, на 2 – ри август, се одвива на блискиот рид местото викано Шилеви оградни.

Специфично е дека токму за Илинден, сите жители на Владимирово расселени низ различни краишта на Македонија и светот, се повикуваат со пораката: „За Илинден, дека да си, дома да си“.

 „Владимирски Илинденски средби“
„Владимирски Илинденски средби“

Покрај месното население, селото се полни со роднокрајци од сите возрасти, од различни градови и земји. На овој сенароден собир, добредојдени се и гости кои ќе имаат несекојдневна можност да учествуваат во една вистинска атракција.

Присутните ќе се запознаат со ретките обичаи на овој крај: Домашни „прекадени“погачи кои се делат за здравје и традиционален Илинденски ручек – курбан готвен на ридот од рани утрински часови, во котли на дрва.

Денот започнува со Свечена Архиерејска Литургија во малата црква „Св.Илија“, а завршува со најголемото оро во Малешевијата под звуците на зурли и тапани.

На овој начин прекрасното живописно село Владимирово ја негува својата традиција, ги одржува контактите со роднокрајците, ги јакне потенцијалите за развој и ја пренесува пораката за добробит, слога, заедништво и чување на семејните вредности со гордост кон потеклото.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.