Владината мерка дава резултати: За три месеци се вработиле 2000 млади лица

Работодавачите покажуваат голем интерес за владината мерка за вработување млади до 29 години. За само три месеци од почетокот на важењето вработени се околу 2000 млади лица. Агенцијата за вработување примила 2076 поднесоци од вкупно 1272 работодавачи, пишува Економски.мк.

Каков е интересот за вработување на младите покажуваат официјалните податоци на Агенцијата според кои дневно дваесетина лица добиваат работа согласно оваа владина мерка.

Мерката предвидува за секое нововработено младо лице до 29 години, државата да ги подмирува трошоците за придонеси и даноци за период од една година.

„Ги охрабруваме сите бизнисмени, целиот приватен сектор да ја искористат мерката затоа што на тој начин доаѓаат до значително заштедување, нивните трошоци ќе се намалат за околу 30%, а од друга страна со ангажирање на млад, стручен, квалификуван кадар се придонесува за развој на нивната дејност и за подобрување на деловните резултати“, вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Мерката важи за приватниот сектор, работодавачите кои вработуваат лице до 29 години со полно работно време имаат попуст од вкупно 37 отсто или 27 отсто по основ на социјалните придонеси и 10 отсто персонален данок на доход.

За возврат, имаат обврска работникот да го задржат на работа две години.

Во Македонија има 45.000 невработени до 29 години од кои 25.000 се изнасниле дека бараат работа, останатите 20.000 се пасивни невработени. Мерката ќе се применува две години.