Владиниот авион поради дефект принудно слета во Цирих

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски која се враќала од Стразбур принудно слетала во Цирих, објави ТВ „Телма“.

-Според првичните информации можам да потврдам дека при враќањето од Стразбур се случил дефект во летот на владиниот авион во кој бил и премиерот Груевски со своите соработници по што авионот принудно слетал во Цирих. Според информациите кои ги имам присутни во авионот велат дека се слушнал гласен и продорен звук по што дошло до пореметување на внатрешниот притисок, а пилотот веднаш се обидел да ја намали висината за да се обиде да го намали притисокот и според  протоколот за  вакви ситуации да го слета авинот на најблискиот аеродром, изјави за „Телма“ портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Во авионот, покрај премиерот Груевски, биле и шефот на неговиот кабинет Мартин Протогер, вицепремиерот Зоран Ставрески, членовите на екипажот и обезбедувањето.

Првичните сомнежи се дека станува збор за декомпресија на авионот во текот на летот, но истрагата дополнително ќе треба да утврди што точно се случило. Авиоексперти посочуваат дека при вакви случаи ризикот е многу голем. Поради тоа што станува збор за мал авион притисокот во пилотската кабина бргу опаѓа, а доколку не била намалена висината екипажот ќе загубел свест. Декомпресијата дополнително може да предизвика и експлозија. Според информации на „Сител“, дополнителен проблем при слетувањето предивикале и временските услови. Владиниот авион при спуштањето влегол во кумулонимбуси, облаци полни со мраз кои биле ниско поставени. Додека сетоа тоа се случувало во кабината имало проблем со притисокот на воздухот.

Владиниот авионот е стар 10 години. Во моментов воздухопловот е во Нирнберг каде што бил редовно оддржуван, а од службата за Општи и заеднички работи на Владата потврдуваат дека таму веќе заминале и членови на Агенцијата за воздухопловство.