Владините мерки со одлични резултати, драстично намален бројот на невработени млади лица

Отворањето на нови работни места е стратешка определба на владата која се реализира преку широка палета мерки за вработување.  Во таа насока, Агенцијата за вработување заедно со Министерството за труд и социјална политика, ги реализира мерките за вработување на млади лица до 29 години како и програмата за самовработување.

Според податоците од Агенцијата за вработување на Република Македонија, со стапување во сила на законската мерка за вработување на млади лица до 29 години од март минатата година па до сега, се вработиле речиси 8.000 млади лица, или поточно 7.996 лица до 29 години.

Оваа мерка минатата година ја најави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, при што образложи дека целта на Владата на Република Македонија е што повеќе млади лица да бидат вклучени на пазарот на трудот, а за таа цел, работодавците ќе бидат ослободени од серија даноци.

– Последна во низата мерки за поттикнување на вработувањето на невработени млади лица во Република Македонија која е всушност и препорака на меѓународната огранизација на труд, е ставање во законска рамка на можноста за ослободување од плаќање на социјални придонеси на работодавачите кои ќе вработат лице до 29 години, која беше усвоена од Собранието на Р.Македонија, истакна Спасов во март 2014 година кога ја најави мерката која за само една година даде одлични резултати.

Според тоа,  работодавачите од приватниот сектор кои вработуваат невработени лица до 29 години со полно работно време, е  ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување како придонес за пензиско и инвалидско и здравствено осигурување, како и осигурување во случај на невработеност.

Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на месечна основа се однесува до просечна бруто плата за претходната година за период од 12 месеци, сметано од денот на вработувањето на  лицето.

Покрај ослободувањето од социјалните придонеси работодавачот е ослободен и од плаќање на персонален данок на доход за тоа лице, можност за што веќе постои законско решение. Вкупните ослободувања за работодавачите изнесуваат: 27 отсто по основ на социјалните придонеси и 10 отсто персонален данок на доход, односно ослободување од 37 отсто.

Што се однесува пак до мерката за самовработување во периодот од 2007 до 2014 година, вкупно 6.885 лица ги искористиле поволностите и на тој начин го решиле својот статус по однос на вработувњето .

На последниот јавен повик за добивање грантови за отпочнување сопствен бизнис кој траеше до 10. март годинава, премиерот на РМ, Никола Груевски потенцираше дека  сите оние кои се заинтересирани за отпочнување на сопствен бизнис, ќе добијат грантови во висина од 3.250 евра.

– Ова е еден од начините како да се помогне на многу невработени кои што сакаат да започнат бизнис, кои што имаат некоја смисла за правење бизнис и имаат бизнис идеја. Досега на овој начин се отворија 5.100 работни места, а од овој голем проект кој што ќе опфати околу 100 лица кои што ќе добијат ваков грант се очекува тој број значително да се зголеми. Станува збор за сериозни износи, станува збор за околу 214 милиони денари кои што ќе се доделат, рече Груевски пред еден месец кога заврши конкурсот за добивање на овие грантови.

Според информациите од Агенцијата за вработување, 70-80 отсто од фирмите кои во изминатите неколку години добиле грантови, продолжуваат со работа и со проширување на бизнисот.

Оттаму најавуваат дека во согласност со Оперативниот план за услуги на пазарот на труд и активни програми и мерки за вработување за 2015 година , предвидено е со програмата Самовработување да бидат вработени вкупно 960 невработени лица од евиденцијата на АВРМ на активни баратели на работа и тоа во два циклуса во текот на годината. Првиот циклус веќе е во тек на реализација, додека  вториот циклус се очекува да отпочне со реализација во месец мај.

Како што покажуваат и статистичките податоци кои ги добивме од Агенцијтата за вработување, досегашните мерки на Владата за намалување на бројот на невработени млади лица, резултираа со значително на намалување на невработеноста  во земјава. Во моментов, стапката на вкупната невработеност изнесува 27,6 проценти.