Власта фатена во обид да сокрие нови смртни случаи на бебиња

Откако медиумите ја открија најновата трагедија во скопската Клиника за гинекологија кога во една вечер починале четири новороденчиња, по десет дена се огласија и државните институции, што очигледно укажува дека трагедиите во здравството откако СДСМ ја прдводи власта стануваа сѐ почести, но премиерот Зоран Заев поради зачувувањето на кревката коалиција со албанскиот партнер воопшто не помислува да побара одговорност од министерот за здравство Арбен Таравари.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат испитува дали има пропусти во хигиенско санитарните услови и протоколи за работа на Клиниката за гинекологија, откако на 21-ви септември во иста вечер починаа четири предвреме родени бебиња, соопштија надлежните дури десет дена по трагедијата и откако за тоа дознаа медиумите.

Смртните случаи ја потресуваат јавноста и се бара одговорност, па токму затоа владата на Заев се обидува да ги сокрие трагедиите и докторските грешки.

Четири новороденчиња починале во еден ден на скопска гинекологија. Сите биле предвремено родени и сместени во инкубатори на одделот за интензивна нега.

Скандалозно во овој случај е што дежурниот педијатар не бил на работното место. Докторката ја напуштила клиниката само еден час откако дошла на смена. Медицинските сестри ја повикале кога се влошила состојбата на едно од бебињата.
Од Клиниката го потврдуваат случајот и информираат дека уште наредниот ден ја суспендирале од работа.

„За овој случај се води дисциплинска постапка. Извршен е и надзор од министерството за здравство. Интензивна нега со над 50 деца не смее да остане без лекар“, соопштија од Клиниката за гинекологија и акушерство.

Според информации на Сител целиот случај го испитувал и заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски. Била формирана и комисија.

По неколкуте смртни случаи на новороденчиња кон крајот на август и последните четири починати бебиња во еден ден се поставува прашањето: Што ќе превземат надлежните здравствени власти за да се намали смртноста на предвремено родените деца?

За оваа трагедија, како и за големиот број на смртни случаи од минативе месеци, Заев и Таравари не ја информираат јавноста. Дури откако медиумите ќе објават, а граѓаните ќе го покажат својот револт, институциите излегуваат со куси информации за ваквите случаеви. Владата сака да сокрие дека поради негрижа на кадрите кои тие ги поставија умираат бебиња.

Дури денеска, ден по медиумските извештаи, власта излезе со извештајот од Комисијата за стручен надзор на работата на Клиниката за гинекологија, што ја формирало Министерството за здравство токму за овој случај иако за тоа претходно ввоопшто не беше информирана јавноста. Според овој извештај медицинскиот персонал постапил според предвидените медицински протоколи.

„Побарав Државниот санитарен и здравствен инспекторат детално се да провери на одделот за интензивна нега каде се предвреме родените бебиња. По нивниот надзор ќе знаеме дали е тука проблемот“, вели во изјавата за јавноста Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија .

„Даден е соодветен третман пред породувањето, запазени се правилата за индикација за оперативно завршување на предвреме започнатото породување, запазени се анестезиолочките опоцедури, успешно е спроведена првична стабилизација на новородените, како и соодветно спроведена постнатална интензивна нега и терапија“, се тврди во извештајот на комисијата за стручен надзор.

Според извештајот на комисијата, се работи за високоризични бремености, завршени со предвремено породување во рана гестациска возраст и ниска родилна тежина на бебињата. Бебињата биле со медицински компликации во текот на бременоста и според комисијата, сите овие ризик фактори го отежнуваат нивното преживување и ја зголемуваат стапката на морталитет и морбидитет.

„Предвреме родено машко дете во 25 гестациска недела, со екстремно мала родилна тежина ставено на палијативен третман. Починало во првите 24 часа од раѓањето. Второто е предвреме родено женско дете во 29 гестациска недела, поради ризична бременост, а мајката имла висок притисок и инфекција. Дадена е соодветна медицинска терапија, починало третиот ден од раѓањето. Третото бебе е предвреме родено машко дете во 29 гестациска недела. И тоа било од ризична бременост, и веднаш е интубирано по раѓањето. Дадена соодветна терапија. Состојбата се влошила поради што повторно е реинтубирани и извршена е реанимација, но починува. Четвртото е женско бебе родено 27 гестациска недела. На одделот за интензивна нега престојувало 37 дена во исклучително тешка состојба и цело време било на апарати за дишење“„, стои во извештајот на комисијата за стручен надзор, формирана од Министерство за здравство.

Директорката на гинекологија вели и дека дежурната докторка на чија смена починале бебињата останува под суспензија до четврток, кога ќе расправа дисциплинската комисија на Клиниката.

„Донесов одлука за времена суспензија на докторката под сомнение дека го повредила работниот однос, односно дека не била на своето работно место. Сега се собираат сите извештаи и од сестрите и од останатиот медицински персонал за да се види што точно се случило, односно дали навистина пред да почине првото бебе не била на работното место“, вели Јовановска.

Додава дека според извештајот од комисијата за стручен надзор за работата на Гинекологија јасно е дека во случајов бебињата починале затоа што биле со тешки компликации и дека нема медицински пропуст во нивниот третман од дежурната докторка.

„Треба да се види дали навистина има повреда на работниот однос. Не сакам никого предвреме да осудувам, но неодговорно е медицинска нега со 51 бебе да остане без дежурен лекар. Од друга страна разбирам дека овие дежурства се многу тешки и дека еден доктор на 51 бебе во интензивна воопшто не е лесно. Пренатрупани сме со родилки, од друга страна недостига кадар, и педијатри, и гинеколози и медицински сестри. Тоа е резултат на едно долгогодишно запоставување на клиниката, оти нашата интензивна нега е за најмногу 25 деца. Клиниката е со капацитет за 3.500 породувања, а годишно имаме и по 6.000“, вели Јовановска.