Македонија

Вложувањето во современа опрема, императив во текстилната индустрија

Вложувањето во современа опрема, императив во текстилната индустрија

Здружението на текстилната индустрија и конфекција при Стопанската комора на Македонија апелираше текстилните компании да вложуваат во технолошки посовремена опрема за поголема продуктивност  со што ќе можат да одговорат на конкуренцијата и да останат интересни за соработка.

Според проекциите, производството и извозот е на исто ниво како минатата година, но има намалување на бројот на работници поради немањето нарачки.

–  Во идниот период,  гледајќи ги државите од Балканот, Србија и Бугарија и мал дел во Албанија, нашите менаџери во конфекциите ќе мора да обрнат големо внимание на вложување во современи машини, во апарати  и особено автоматски машини, да ја зголемат продуктивноста. Притисокот преку цените и порастот на платите на вработените ќе ги принудат да мораат да вложуваат во таква опрема. Анализите покажуваат оти фабриките во Бугарија се многу подобро опремени од тие во Македонија, рече Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната индустрија.

Притисокот врз цените, истакнува, и натаму ќе биде присутен и единствен начин да го ублажиме е да вложуваме во современи машини кои ќе заменат четири работници.

Според Димитров, платите би можеле да растат и до 300 евра но во таква ситуација ниту една македонска компанија нема да биде пожелна за работа со странски партнери.

-Ќе заминат во држави како Бангладеш, Пакистан, Индонезија, …каде платите се уште се многу мали, 30 до 40 долари, додаде Димитров.

Според анализите од германската „Вајс консалтинг“, платата во текстилната индустрија во Македонија е 8 до 9 евроценти на производна минута, во Србија 9, Бугарија 10 до 11, а во Албанија 7 до 8 евроценти.  Со тие цени, истакнува Димитров,  се уште можеме да бидеме интересни за големите производители во текстилнот сектор.

На состојбите во текстилниот сектор, укажа на прес-конференција Димитров, влијае и растот на доларот  во однос на еврото. Во долари се плаќаат најголем дел од увозните репроматеријали за домашните текстилни фабрики од далечниот Исток и Кина, а во последно време и од Турција.

Досега се уште не е направена некоја поголема зделка, а најголем трговски партнер и натаму е Германија.