Со вложувањето во железничката инфраструктура значително е подигнат квалитетот на транспортот

Новите возови се изработени од реномираниот кинески производител ЦРС и се опремени со  електронска табла за управување, камери, монитори за кабината на машиновозачот, климатизација, електронски дисплеи за означување на станиците, вакуум-тоалети.

Вкупниот капацитет на шесте возови е 1.200 патници. Електричните композиции ќе возат по Коридорот 10, каде што е електрифицирана пругата, додека четирите дизел композиции ќе сообраќаат по пругите кои не се електрифицирани. Набаваката се реализираше со кредит од Европската банка за обнова и развој.

Жално е што ниту една Влада не се сетила на македонски железници, на македонските патници и станици, но горди сме што стартуваме со крупни проекти кои го подобруваат имиџот на железничкиот сообраќај во Република Македонија, вели лидерот на владејачката партија, Никола Груевски.

Со новите возови ќе се покријат 60% од линиите, но Владата веќе прави анализа како целосно да го обнови железничкиот сообраќај.

Правиме анализа да набавиме уште неколку воза, со што целосно ќе го обновиме возниот парк и ќе овозможиме сигурен, безбеден и квалитетен патнички превоз за нашите граѓани, вели министерот Мисајловски.

Товарните вагони – можност за бизнисот

Освен во патничкиот се инвестираше и во товарниот железнички транспорт. Веќе се набавени и пуштени во употреба новите товарни вагони, инвестиција вредна над 13 милиони евра.

Со новите товарни вагони се зголемува искористеноста на железницата, бидејќи како бизнисмени знаете дека стоката ќе стигне сигурно и навремено до крајната дестинација, вели бизнисменот Аце Антевски.

Од Владата, пак, велат дека го слушаат гласот на стопанствениците и дека секогаш се прават напори да им се излезе во пресрет.

Купувањето на нови товарни вагони беше едно од барањата на бизнис – заедницата и ова е потврда дека Владата работи со бизнисмените, односно дека секогаш кога има аргументирано барање, ние наоѓаме средства и начин како тоа да го вклопиме во буџетите и да го реализираме за да и излеземе во пресрет на бизнис – заедницата, вели Ставрески.

Се вложуваат милиони за квалитетни пруги!

Освен во транспортот, се вложуваат милиони и во железничката инфраструктура. Се почна од Коридорот 10, бидејќи Македонија е транзитна земја и оваа пруга е од особена важност да биде со добар квалитет, што овозможува поголеми брзини, побрз транспорт на стока, што е од големо значење за бизнисот. Веќе се гради пругата од Битола до Грција, што ќе значи адут плус за индустриската зона Жабени.

Ова ќе значи побрз, поевтин и посигурен транспорт на стоките кои ги испорачуваат македонските компании на пазарите во Африка и во Азија, а од друга страна, ова ќе значи и подостапни и поевтини суровини за нашите компании,  објаснува Сашо Илковски од ИЗ Жабени.

Активно се гради и пругата кон Бугарија, односно Коридорот 8, што беше ветување од многу гарнитури досега, но проектот од хартија во реалност го преточува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Градежните работи на првата делница се во тек, годинава ќе се објави повикот за избор на градежна компанијата за втората делница, по што следува и третиот дел до границата со Бугарија. Се очекува целата пруга да биде готова до 2022-та година. Веќе се работи на проектирање на пругата кон Албанија.

Паралелно, заврши реконструкцијата на железничката станица во Скопје, а се работи и на другите станици во земјава. Во овој дел, вкупно се инвестираат 5 милиони евра.