ВМРО-ДПМНЕ алармира дека Чавков во притворот е во влошена здравствена состојба

Митко Чавков има здравствени проблеми и неговата состојба се влошила во Истражниот затвор Скопје, и неговото срце функционира со 50 отсто од капацитетот, алармираат во петокот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакнувајќи дека поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност осомничен во случајот за настаните од ланскиот 27-ми април сиот свој работен век го посвети на државата и нејзината безбедност.

Правосудните органи вон закон и правна логика држат во притвор патриоти кои не сториле ниедно кривично дело, а обвинети се за тероризам. Меѓу притворените се наоѓаат и болни луѓе. Тие се мета на прогон затоа што мислат поразлично од Зоран Заев, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Митко Чавков има здравствени проблеми и неговата состојба се влошила во истражниот затвор. Неговото срце функционира со 50 отсто  од капацитетот. Митко Чавков целиот свој работен век го посвети на државата и нејзината безбедност. Истиот тој Чавков сега е мета на неправдата и политиката, само затоа што негова политичка опција не е СДСМ. Загрижува фактот што владеењето на правото и правната држава се девалвирани откако СДСМ ја презеде власта. Демократијата е загрозена, а Република Македонија стана единствена држава во Европа која врши политички прогон и затворите ги полни со политички неистомисленици. Судството без реално правно образложение одобри притвори на луѓе за кои нема правна аргументација да бидат во притвор. Апсурдот е уште поголем, па сите тие се наоѓаат во притвор заради монтиран случај“, стои во партиското соопштение.

Од партијата велат дека судот има можност да ја прекине двомесечната голгота на овие искрени патриоти и нивните семејства и да ги укине притворите кои се целосно неосновани.

„Лицата ставени во притвор со месеци се предмет на изживување и нехуман однос. Во постапката против нив намерно се разблекуваат истражните дејствија, од што јасно се гледа дека целиот случај е монтиран, а притворот се користи како казна за политички спротивните ставови. Монтираната постапка на сите нивоа, од повеќе институции покажа сериозни недостатоци. Кршени се правата на осомничените, факт кој го нотираше и Народниот правобранител, а правосудните органи го премолчеа. Судот не смее и понатаму да биде дел од овој политички прогон. Во интерес на демократијата и владеењето на правото, судиите треба да одлучуваат по закон и Устав. Државата има потреба од институции кои ќе работат независно, само така државата ќе се придвижи кон ЕУ и НАТО. Се друго е само залажување на јавноста и спроведување тивок терор, типичен за комунистичките режими на минатиот век“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.