ВМРО-ДПМНЕ: Андреј Жерновски денес одржа алиби прес-конференција

„Денес од градоначалникот на Општина Центар не слушнавме кои капитални проекти ги направил, каде изградил улица или булевар. Не слушнавме дека решил некој крупен проблем на граѓаните, не слушнавме што урбанизирал или каде направил парк. Денес слушавме несериозни алиби поплаки, со кои немањето на проекти сака да го оправда со обвинувања кон други,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека Андреј Жерновски очигледно имал проблем како да ја заврши оваа година и со кои проекти да се пофали. Мислел со денови и смислил дека ќе ги обвини другите за својата неработа.

„Единствената причина заради која Андреј Жерновски покажува заштеда на одредени ставки е заради драстично намалениот обем на работа на Општина Центар. Но тоа е на штета на граѓаните. Бројките се јасни.Вистината говори дека последната година, 2012, додека Андреј Жерновски сеуште не беше градоначалник, во Општина Центар се спроведени над 600 јавни набавки за извршување на работа од типот на: изградба и реконструкција на локални улици, изградба и реконструкција на тротоари, поплочување на јавни површини, озеленување на паркови, реконструкции на училишта и градинки.Од кога дојде Жерновски за градоначалник во Општина Центар за вакви намени се распишани и спроведени за 20 пати помалку постапки. Што би рекло дека обемот на реално спроведени проекти е 20 пати помал споредено со минатата година,“реагираат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека Општина Центар е една од најбогатите општини во Република Македонија.

„Впрочем, од каде најде пари Жерновски за да организира најскапа прослава на Нова Година на само стотина метра од веќе закажаната и традиционална прослава на градскиот плоштад.Од каде најде Жерновски пари за огромниот број на партиски вработувања што во минатите месеци ги направи во Општина Центар.Од каде најде пари градоначалникот Жерновски секојдневно да се рекламира на сите опозициски медиуми и портали.Од каде најде пари за да плаќа скапа партиска ревизија, која впрочем не најде ништо спротивно на закон и претставуваше само начин како да се замајува јавноста и да се поделат партиски хонорари на неколку луѓе.Градоначалникот Жерновски треба да престане да ја злоупотребува Општината за своја лична промоција и за креирање на политички конфликт со Владата. Жерновски не беше избран за тоа. Тој треба да прави проекти во интерес на граѓаните,“ реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.