ВМРО – ДПМНЕ: Да се формира анкетна комисија за фалсификуваните документи

Формирање на нова Анкетна комисија во Собранието на Република Македонија која што ќе се занимава односно ќе го расчистува скандалот со фабриката за фалсификување на лични карти, пасоши, афери и други документи, бара пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.

За ова денес информираше координаторот на пратеничката група, Илија Димовски.

Интегрален текст од изјавата на Димовски:

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и „Коалицијата за подобра Македонија“ врз база на информација која што е доставена до сите Пратенички групи во Собранието на Република Македонија поведува иницијатива за формирање на нова Анкетна комисија во Собранието на Република Македонија. Анкетна комисија која што ќе се занимава односно ќе го расчистува скандалот со фабриката за фалсификување на лични карти, пасоши, афери и други документи.

Сите знаеме дека десетина дена Македонија живее во можеби најголемиот политички скандал кога кај неколку лица беа пронајдени над 120 илјади украдени идентитети на личнности, огромен број на фалсификувани лични карти, голем број на фалсификувани пасоши како од Република Македонија така и очигледно од Република Бугарија и Република Турција, пронајдени се над 70 илјади прислушкувани разговори и цела низа од документи за кои што Јавното обвинителство веќе потврди дека како информации се точни.

Врз база на информацијата дека значајни политички и одговорни лица на функција во Република Македонија биле во контакт, корелација, а можеби и во соработка со оваа група на лица која што фалсификувала лични карти, пасоши, крадела идентитети, чувала кај себе снимени разговори, цениме дека Собранието на Република Македонија има суштинска надлежност да го истражи целиот случај и да изготви документација врз база на која што понатаму ќе се постапува.

Собранието на Република Македонија има обврска да обезбеди услови, да обезбеди чисти избори на 24-ти април 2016 година, а еден од предусловите да добиеме чисти избори очигледно е и расчистување на оваа афера со фабрика на фалсификување на лични карти, пасоши, афери и други останати документи.

Македонија не смее да биде заложник на ниту една мафија и на ниту една мафија која има киднапирано политичка партија. Република Македонија мора да одржи избори кои што ќе бидат без дамка, а Собранието на Република Македонија мора да пронајде одговори зошто Министерството за внатрешни работи не реагираше на време, зошто министерот Оливер Спасовски бараше да не се брза истрагата за оваа афера и да видиме дали се вистина информациите дека постојат значајни контакти помеѓу осомничените лица за оваа афера со министерот за внатрешни работи и со лидерот на СДСМ, г-динот Зоран Заев.

Исто така, би сакал да потенцирам дека оваа нова Анкетна комисија за скандалот со фабриката за фалсификување на лични карти, пасоши, афери и други документи ја црпи својата легитимност од член 17 од Уставот на Република Македонија, со кој што на граѓаните им е гарантирана слободата и тајноста на писмата и други видови на облици на општење. Член 18 од Уставот на Република Македонија, со кој што се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци која што во овој случај очигледно не е обезбедена и член 25 од Уставот на Република Македонија, со кој што Република Македонија гарантира почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот на секој граѓанин на Република Македонија.

Би сакал да Ве информирам дека одлуката која што ќе биде пуштена во процедура 99% е истата одлука која што ја донесовме за формирање на претходната Анкетна комисија односно тргнавме од логиката од претходната Анкетна комисија за скандалот со прислушкувањето, онаа која што е блокирана од нејзиниот претседател, партиите имаа усогласен став како да биде формирана, какви надлежности да има комисијата, колку членови да брои, каков да биде соодносот на членовите и како да изгледа финалната работа на таа Анкетна комисија.

Нашата одлука за новата Анкетна комисија е целосно иста односно сметаме дека овие прашања се веќе усогласени. Ги предлагаме истите одредби кои што беа одредби предвидени во претходната одлука со мали измени на две-три места кои што се неопходни да се дефинираат во врска со различната тема на работа на оваа Анкетна комисија.

Се надеваме дека Пратеничките групи во Собранието на Република Македонија ќе ја поддржат оваа наша иницијатива за формирање на Анкетна комисија и се надеваме дека Собранието со многу голема динамика и брзина ќе се зафати со расчистување на овој огромен можеби и најголем скандал со фабриката за фалсификување на лични карти, пасоши, афери и други документи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.