ВМРО-ДПМНЕ: Апелациониот суд сега има шанса да покаже интегритет и професионалност и да ги поништи овие решенија

Барањето притвор од страна на Специјалното јавно обвинителство за раководството на ВМРО-ДПМНЕ е само за да се изврши притисок врз судиите да не ја поништат одлуката на првостепениот суд за мерките одземање на пасош и јавување во судот еднаш неделно, кои на СДС/СЈО им се исклучително важни за терање негативна кампања против ВМРО-ДПМНЕ, рече во четвртокот пред новинарите Зоран Илиоски, член на Извршниот комитет на партијата.

Илиоски посочи дека во СЈО по директива на СДСМ имаат намера да го донесат судот во ситуација, ако го прифати барањата на одбраната на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а ги отфрлат „небулозните жалби“ за неприфатената мерка притвор, да создадат впечаток дека заземал страна.

„Судот не треба и не смее да подлегнува на вакви трикови и политички игри. СЈО е политичка институција и алатка во рацете на една партија, и така треба да се третира“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, дека одлуката за мерки е донесена под притисок на власта се гледа и од образложението на судиите во прв степен за одбивањето на притворот.

Барањето притвор, исто како и мерките, се само со еден основ: да не избегаат обвинетите. Судот кога ја образлагал во решението одлуката да не донесе мерка притвор дал доволно објаснување дека обвинетите нема да избегаат, од што станува јасно дека судиите во прв степен изрекле мерки само за да си купат сопствен мир од можни медиумски напади од власта и медиумите блиски до власта, како и од заканите на Заев дека ќе менува судии. Така на пример во случајот на Никола Груевски образложиле дека точно е дека Груевски често патувал, што всушност е и негова работна обврска, но секогаш се враќал, и само еднаш се случило да не се јави на распит во случај на уредно добиена покана. Тука пропуштиле да напишат дека дури и во тој единечен случај, адвокатот на Груевски уредно го известил СЈО за недоаѓањето заради претходно планирано патување и отвореност да се дојде во друг термин. Исто така, пропуштиле да напишат дека дури иако немал обврска писмено го информирал СЈО за детали околу патувањето и денот на враќање“, објасни Илиоски дадавајќи дека слична била ситуација и со сите други кои имале по некое кратко патување во време кога знаеле дека ќе бидат обвинети, но никој не избегал, а сепак судиите на сите им изрекоа мерки на претпазливост што е политичка, а не правна одлука и се базира на политички притисок врз судиите.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема причина да бегаат, бидејќи немаат сторено никакво кривично дело. Обвинувањата против раководството на ВМРО се без никакви докази, празни, и чист политички прогон, со цел власта да може порелаксирано да ги исполни дадените ветувања за смена на името на државата, името на јазикот, името на нацијата, договорот со источниот сосед, каде ќе се прифати дека македонската е бугарска историја и ќе се прифати промени во учебниците по историја, како и обврските по тиранската платформа“, порача Илиоски.

Посочи дека доколку сакале да побегнат, досега имале доволно време и информации од медиумите дека ќе бидат поднесени „фабрикувани“ обвиненија до 30 јуни.

Сите тие патуваа најчесто службено, поретко и приватно во многу наврати откако СЈО јавно почна да зборува и да лиферува информации преку нивните блиски медиуми за тоа против кого ќе се поднесе обвинение. Сите до еден знаеја исто како и целата јавност дека и покрај тоа што немаат вина ќе добијат обвиненија. Патуваа и се враќаа. Јасно е дека никому не му паѓало на памет да бега, а ако сакале имале многу прилики при патувањата, да не се вратат“, рече Илиоски.

Според негов, многу е очигледна намерата на СЈО, а тоа е со притисок врз судот, партијата ВМРО-ДПМНЕ да биде ставена во нерамноправна положба особено пред следните локални избори.

„Самото одземање на пасоши и обврската за јавување во суд еднаш неделно, во очите на неупатените граѓани имплицира односно создава перцепција дека можеби постои вина кај нив. Со тоа судот станува директен учесник во политичкиот живот и политичката борба. Иако нема докази против едните, иако е јасно дека немале намера да бегаат, за да си ја задржат својата комоција, одредиле мерки за одземање на пасош, притвор и јавување во суд“, објасни пратеникот.

Илиоски истакна дека Апелациониот суд сега има шанса да покаже интегритет и професионалност и да ги поништи овие решенија, и со тоа да не стане учесник и дел од политичката игра на СДСМ.

Сосема е јасно дека овие предмети во судска постапка ќе паднат, а обвиненијата ќе се отфрлат бидејќи се без основа, без докази и исклучиво политички мотивирани. Затоа е важно за секој судија за еден ден да не се срами од одлуките кои некогаш ги носел водејќи се од политички конформистички пориви, а не од правни пориви како што доликува на секој судија“, заклучи Илиоски.